КОВАЧЕВСКИ : ТОА ШТО АНТИКОРУПЦИСКА ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ЗА НАДЗОРОТ НА „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЌЕ СЕ ОДЛОЖИ РАБОТАТА

0
382

Тоа што Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет во врска со компаниите што ќе треба да прават надзор на изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, нема да ја одложи работата, смета премиерот Димитар Ковачевски.
„Бехтел и Енка“ кои треба да проектираат и да ги изградат автопатиштата, вели премиерот, потпишаа договор и тој е на сила.

„Прво, компанијата „Бехтел и Енка“ потпиша договор од над 400 страни со Владата кој е во сила и тие ќе почнат со проектирање и изведба на овој автопат. Ние досега сме работеле голем број инфраструктурни проекти кои биле правени по стариот принцип каде се работи посебно проектирање, па некогаш проектирањето трае со години, па потоа почнува изградба и проектот никогаш не завршува. Такви имате голем број низ Балканот. Овде станува збор за проектирање и изведба, каде она што испроектирала компанијата практично и го спроведува на терен и со тоа се забрзува работата на изведувањето на работите. Антикорупциска комисија нормално е да си ја работи својата работа во делот на она за што постојат сомнежи или одредени информации до нив. Меѓутоа, тоа не значи дека оваа работа која ја има Бехтел и Енка ќе биде одложена“,изјави денеска Ковачевски.

Надзорот треба да го прави конзорциум предводен од италијанската компанија ИРД, а во тимот со неа се и шпанска „Ептиса“, како и две домашни форми – „Евро консалтинг“ и „Електра солушн“.Еден од сопствениците во „Евро консалтинг“ е македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ, кој, како што веќе објави „Призма“ е под истрага на ерменското обвинителство за изградба на патна инфраструктура во Ерменија, каде бил ангажиран во конзорциум „Савеж-Ептиса“.