ФОКУС : ДУИ ЌЕ ИСФРЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ НА ИЗБОРИТЕ, АКО ТОА ГО НАПРАВИ АЛБАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА

0
288

Од опозицискиот Европски сојуз за промени тврдат дека дефинитивно ќе истрчаат со претседателски кандидат на претстојните избори, што, според најавите од Мала Речица, значи дека и ДУИ ќе учествува со свој кандидат во првиот круг.Ако во Алијанса за Албанците се води дебата дали партијата на следните парламентарни избори да настапи самостојно или во предизборна коалиција со партиите од власта или опозицијата, во поголемата албанска владејачка партија – ДУИ, се судираат аргументите и во однос на претседателските избори, односно околу прашањето дали „интегративците“ да исфрлат кандидат за претседател или да го поддржат кандидатот на СДСМ.

Алијанса предизборно ќе се крши кој пат да го фати, можно ли е разидување меѓу Села и Таравари?

Како што вели за „Фокус“ висок функционер на ДУИ, доколку аБеса, Алтернатива и Демократско движење настапат со кандидат за претседател, тогаш сигурно дека тоа ќе го направи и ДУИ, со цел да не и остави простор на албанската опозиција политички да профитира без конкуренција. Иако од Европскиот сојуз за промени најавија дека ќе истрчаат со претседателски кандидат, сепак, соговорникот од ДУИ вели дека можен е и поинаков епилог.

–Ако опозицијата има свој кандидат, сигурно ќе имаме и ние. Во спротивно, многумина што би гласале за нашиот кандидат ќе гласаат за нивниот, бидејќи се уште многумина гласаат по етничка линија, па не сакаме да им оставиме слободен простор. Сепак, треба да почекаме и да видиме дали тие ќе кандидираат претседателски кандидат, бидејќи има сигнали и информации дека се под жесток притисок од меѓународната заедница да не го направат тоа – вели тој.

Според него, Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити за време на посетата на САД примиле порака да не делуваат спротивно на стратешкиот интерес за интеграција во ЕУ, па во таа насока, вели нашиот соговорник, им било сугерирано да не кандидираат претседателски кандидат, за да не го опструираат изборот на кандидатот на т.н. европски фронт. Плус, додава тој, иста порака примил и косовскиот премиер Албин Курти, кој ја поддржува албанската опозиција.

–Може да се забележи дека Курти го смени односот и ја омекна реториката, па ако отворено ја поддржуваше албанската опозиција, сега веќе почна да говори дека Самопределување нема да учествува на изборите и нема да се меша во земјава итн. Па, ако опозицијата нема свој кандидат, тогаш ќе настапиме со заеднички кандидат со СДСМ, а тоа пак драстично ќе ги зголеми шансите и за предизборна коалиција за парламентарните избори – вели функционерот на ДУИ.

Сепак, наспроти ваквите очекувања во Мала Речица, албанската опозиција е категорична дека ќе има свој кандидат за претседател. Од таму подолг временски период наназад во континуитет велат дека ќе имаат свој кандидат, па дури и дека размислуваат за неколку имиња и дека се воделе прелиминарни разговори. Како што сега велат високи партиски извори, ваквиот став воопшто не се променил и дефинитивно ќе имаат претседателски кандидат.

–ДУИ ја средиле својата куќа па ќе кажуваат за други. Ние дефинитивно ќе имаме претседателски кандидат, само не сме одлучиле кој ќе биде. Но дека ќе имаме кандидат нема дилема – ни изјави висок партиски функционер, посочувајќи дека се уште не можат да зборуваат за конкретни имиња. Инаку, „Фокус“ веќе објави дека еден од потенцијалните избори на албанската опозиција бил поранешниот гостиварски градоначалник Руфи Османи, но тој наводно ја одбил понудата.

Па, штом албанската опозиција најавува дека сигурно има кандидат за претседател, тогаш со свој кандидат ќе настапи и ДУИ, судејќи според најавите од оваа партија. Во меѓувреме, во јавноста се споменуваат неколку имиња, меѓу кои и она на поранешниот министер и пратеник Имер Селмани, кој веќе учествуваше на претседателски избори и во едни поинакви околности постигна одличен резултат. Меѓутоа, тој рече дека со него никој не разговарал на оваа тема.

Оттука, на следните претседателски избори можно е да учествуваат многу кандидати во првиот круг, ако се има во предвид дека, според неофицијални информации, такви планови имаат и лидерите на ГРОМ и ЗНАМ, Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски. Исто така, свој претседателски кандидат ќе има и Левица, со тоа што ако на почеток во оваа комбинација се споменуваше името на академикот Љупчо Коцарев, сега на површина избива универзитетскиот професор Бранислав Саркањац.