КОВАЧЕВСКИ : ПРОДОЛЖУВАМЕ ПО ЕВРОПСКИОТ ПАТ ДО ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ ЗА ПОВИСОК ЖИВОТЕН СТАНДАРД И ЕКОНОМСКА СТАБИЛНОСТ

0
138
Почитувани,

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска со воведно обраќање ја отвори панел-дискусијата на тема: „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Северна Македонија“, во рамки на кампањата на Владата на Република Северна Македонија „Европска иднина, поблиску од кога било“.
Во своето обраќање премиерот Ковачевски говореше за владините политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и придобивките кои процесот на евроинтеграција, на европеизација на општеството ги носи со членството на Северна Македонија во Европската Унија.Во продолжение ви го испраќаме интегрално обраќањето на премиерот Ковачевски:

„ Почитувани вицепремиери, министри, претставници од Владата и од други институции во државата,

Почитувани медиуми,

Почитувани граѓани,Денес ќе разговараме за една многу важна тема која е секогаш актуелна, и е од интерес за граѓаните затоа што се однесува на она што им е приоритет, егзистенцијата, животниот стандард, како се живее и како ќе се живее, во услови на криза, но со трасиран европски пат пред нас.

Ја започнавме оваа кампања за да се фокусираме на детални и конкретни објаснувања, факти, за сите придобивки од нашето зачленување во Европската Унија. Но не само од директното членство, туку и придобивките кои процесот на евроинтеграција, на европеизација на општеството ја носи за нас. Затоа денеска ќе зборуваме како конкретно и преку примери и проекти продолжувањето по европскиот пат и членството во ЕУ ќе се одразат на натамошното унапредување на животниот стандард на граѓаните, на развојот на бизнисите, а со тоа и на економската стабилност на државата на долг рок.
Целта не ни е да убедуваме, затоа што мнозинската волја за ЕУ е јасна. Целта е да доинформираме, што навистина значи евроатлантската определба и што реално следува на патот и откако ќе ја реализираме и втората стратешка цел – членство во ЕУ, а по членството во НАТО.
По членството во НАТО следува Европа дома!Граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат придобивките од евроатлантската ориентација во изминативе шест години. Но тие многукратно ќе се зголемат, со активното продолжување на европските интеграции и полноправното членство.

Тоа што успеавме просечната и минималната плата да ги зголемиме за 50 односно 100 проценти од тоа што беа, е резултат пред сѐ на добрите политики но и на нашата цврста определба за евроатланска интеграција. Искуствата велат дека со членството во ЕУ платите и пензиите ќе се зголемат меѓу 70-90 проценти и тоа е за очекување дека ќе се случи и за нас.
Евроатлантската ориентација на нашата држава донесе највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра, во најкризната година 2022,  затоа што инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Имаме, речиси двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година, кога изнесуваа 338 милиони евра.
Со интеграција во ЕУ, ние од нашите странски партнери и инвеститорите ќе добиеме дополнителна доверба, што ќе рефлектира со драстично поголем број на инвестиции во државата.
Ако Европската Унија сега има удел околу 65% од вкупниот број на странски директни инвестиции, може само да се претпостави колку овој процент ќе биде зголемен и колку апсолутниот износ на инвестициите ќе биде зголемен.
Стапката на невработеност во земјава во 2016 година беше 25 проценти ја намаливме за цели 12 процентни поени. А истовремено, за една година имаме зголемена вработеност од 9,5 отсто.
Платите и пензиите растат и ќе продолжат да растат.
Вие добро се сеќавате дека ветувањето беше просечна плата 500 евра во 2024. Не само што го исполнивме, туку и го надминавме тоа ветување. Денес просечната плата е 650 евра. Цели 270 евра повеќе од она што била во 2016.
Минималната плата системски ја решивме, од 2016 година до денес, ја покачивме за 100 проценти. Таа е над 21.000 денари, а во март ќе биде речиси 23.000, споредено со 8 000 денари колку што беше во 2016 година. Иако имаше црни сценарија за ова системско решение, сепак, застанавме сите ние тука на страната на работниците и позитивните резултати можеме да ги видиме и денес.
Пензиите веќе пораснаа во просек за 5.000 денари со новата Методологија за пресметка на пензиите. Просечната пензија е околу 20.000 денари, што е зголемување за околу 100 евра од 2016! Минималната пензија беше  помалку  од 9.000 денари, а денес е над 13.000 денари, односно е покачена за 5.000 денари.И сето ова се случува во услови кога инфлацијата, којашто минатата година беше на рекордно ниво од 20 проценти, поради светската економско-енергетска криза, ја намаливме речиси 7 пати и денес е околу 3 проценти, како пред кризата.

Кога веќе ја споменавме економско енергетската криза, морам да се навратам на она што често го говорам, а тоа е дека никого не оставаме сам. И во услови кога многу развиени економии во светот крахираа, кога многу луѓе во светот останаа без работни места, после незапаметената пандемија, влеговме во справување со нова, економско енергетска криза, предизвикана од војна на европскиот континент. Се соочивме со предизвиците. Работевме деноноќно на решенијата И помогнавме и со интервентни мерки. Најновиот, 9-ти пакет е во износ од 662 милиони евра, а вкупната поддршка изминативе години е над 2 милијарди евра.
И тоа е принцип по кој и ќе продолжиме со работа на нашиот европски пат.
Воедно, Владата, во овие 6 години, со 100 милиони евра државни пари, поддржа 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси, со реализирани 500 милиони евра инвестиции.
Финансиската поддршка од државата значи многу за компаниите, затоа што го зголемува бројот на работни места и ја подобрува материјалната состојба на компаниите. И со тоа овозможуваме и достоинствени плати на вработените.
Продолжува растот на бројот на работни места и платите и во технолошко-индустриските развојни зони. Во ноември, во компаниите во ТИРЗ, бројот на вработени се искачи на 18.000, што е зголемување за 11 проценти во однос на истиот период претходната година. Според првичните податоци, просечната бруто плата во компаниите во ТИРЗ надмина 60.000 денари, што е двојно повисоко од 2016 година!
Стратешките одлуки што ги носи Владата имаат многу јасна цел, а тоа е развој на економијата, развој на приватниот сектор, нови вработувања и подобро платени работни места.
Благодарение на тие одлуки, нашата економија бележи раст, а задржувајќи се на патот кон Европската Унија даваме шанса за уште попросперитетна иднина за генерациите што доаѓаат.
A додека има заинтересирани инвеститори и инвестиции и развој на компаниите, ќе се полни Буџетот, ќе има и редовни и повисоки приходи и државата ќе ја градиме по европските стандарди.
Ги има и ќе ги има, но ние мора да продолжиме по патот на европските интеграции.
Бидејќи само тоа е гаранцијата дека овие параметри ќе бидат подобри од година во година.
Јасно е видлива разликата на времето кога државата беше во меѓународна изолација и денес, кога сме членка на НАТО и одиме по јасно трасиран пат на преговори со ЕУ.
Како и што веќе посочив, имаме рекорден број инвестиции, нови работни места и рекордно намалување на невработеноста, повисоки плати, пензии, највисока историска минимална плата, највисока историска просечна плата, три пати поголема социјална помош како и најголема историска државна помош за домашните компании како за одржување на ликвидноста така и за нови инвестиции во компаниите.
Може уште многу примери да се посочат и тие ќе ги оставиме за понатамошната дискусија бидејќи навистина имаме еден панел кој што го сочинуваат претставници и на владата кои работеа во текот на сите изминати години на економските политики на владата меѓутоа и еден од најреномираните претставници на деловната заедница почитуваниот господин Антевски.Можам да наведам уште бројки но кажав дека низ панел дискусијата ќе можат сите да го дадат својот инпут онака како што тие го виделе овој процес и како го виделе во иднина.

Европската Унија и досега е нашиот најголем донатор и главен трговски партнер со 77,5% од извозот на земјата и 51% од нејзиниот увоз. Трговијата на Северна Македонија со ЕУ минатата година достигна 60% од вкупната трговија
Сите можат да се уверат што значи да се има европската поддршка во развојот и солидарноста и кога сме на вистинскиот пат.
Поддршката од Европа ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Европската Унија.
Северна Македонија покрај сите потешкотии денес е успешна приказна и тоа го направивме заедно, Од заробена држава, станавме фактор на стабилноста и безбедноста во регионот што се гледа низ економските параметри.
Сега и ние сме ѝ потребни на Европската Унија, бидејќи во овој момент ЕУ има потреба да ја обезбеди стабилноста на европскиот континент.

Сега е моментот на заеднички интереси, кога и ЕУ има потреба од нас и ние од ЕУ. И оваа уникатната шанса за продолжување по тој пат, ќе се реализира.

Со обновените стратешки пријателства и поддршката и отворените врати како никогаш досега, на патот сме на сигурна и извесна европска иднина.

По 17 години, успеавме да ги отворивме преговорите.
Генерации во државава пораснаа со чувството и желбата што поскоро да се стане дел од ЕУ, а сега таа шанса е пред нас. И граѓаните од нас очекуваат да ја реализираме.
Јас ве уверувам сите, дека Република Северна Македонија ќе стане, до 2030 година европска Република Северна Македонија.Европската иднина е пред нас и ние ќе направиме се како политичари, како економисти, како претставници на политичките партии тој сон и таа визија на нашите граѓани да оствариме.

Сакам да се заблагодарам на вашето внимание, да се заблагодарам за организацијата на оваа серија на трибини и секако да се заблагодарам на моите колеги министри и претставниците на деловната заедница на Академијата кои што ќе бидат дел од истата.“