КОВАЧЕВСКИ : ОД ВМРО-ДПМНЕ ДА КАЖАТ ЗОШТО НЕ ГИ БРАНЕЛЕ ДРЖАВНИТЕ ПОЗИЦИИ КАЈ СЕСТРИНСКИТЕ ПАРТИИ ВО БУНДЕСТАГОТ

0
737

Треба да размислат во нашата опозиција зошто воопшто не се потрудиле да ги презентираат позициите на нашата држава кај своите партнери во Бундестагот. Или, пак, можеби правеле нешто спротивно со политичари од сестрински партии од други држави, како што се слушаа гласини, вели Ковачевски

Ова е апсолутно голема одлука на германскиот Бундестаг, но мора да изразам жалење што партнерските и сестрински партии на нашата опозиција, на ВМРО-ДПМНЕ, не ја поддржаа Резолуцијата на германскиот Бундестаг, каде што се дава поддршка на членството во ЕУ со признавање на нашиот македонски јазик и идентитет.

Треба да размислат во нашата опозиција, додаде Ковачевски, зошто не се потрудиле и не ги бранеле позициите на нашата држава или, пак, правеле нешто спротивно. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски во денешното гостување во вестите на Канал 5 телевизија додавајќи дека сепак е задоволство што Северна Македонија ја има поддршката на една од најзначајните и најголемите држави во светот за зачленувањето во Европската Унија.

„Треба да размислат во нашата опозиција зошто воопшто не се потрудиле да ги презентираат позициите на нашата држава кај своите партнери во Бундестагот. Или, пак, можеби правеле нешто спротивно со политичари од сестрински партии од други држави, како што се слушаа гласини“, рече Ковачевски.

Ковачевски рече дека треба да се одговори пред јавноста дали поранешни министри за надворешни работи имале спротивен став од Резолуцијата во Бундестагот.

„Треба да се каже дали бивши министри за надворешни работи, а сегашни мејнстрим говорници на ВМРО-ДПМНЕ имале дури можеби и спротивен став од тоа што беше донесено во Бундестагот“, праша Ковачевски.

Во интервјуто Ковачевски се заблагодари за поддршката до сите партии на германскиот Бундестаг кои ја поддржаа Резолуцијата за поддршка на европскиот пат и признавање на македонскиот јазик, култура и посебност.

„Во однос на германската резолуција, да изразам благодарност не само до социјалдемократите, коишто се наши партнери, на СДСМ, туку и на либералите во Германија коишто се сестринска партија на нашата ЛДП и партијата на зелените во Германија, коишто се сестринска партија на ДОМ, коишто се дел исто така од владината коалиција. И коишто ја поддржаа резолуцијата во германскиот Бундестаг, а додека сестринските партии на нашата опозиција тоа не го направија“, рече Ковачевски.

Ковачевски потврди дека ваква Резолуција ќе дојде и од друга држава, исто така една од најголемите во светот, која не е дел од ЕУ, меѓутоа ќе има и од држави членки на Унијата.

Со тоа, како што рече Ковачевски, сите недвосмислено ја покажуваат поддршката за нашата држава во овој геополитички момент и ја потврдуваат вистината за нашата историја, култура и за нашиот идентитет. Со тоа се потврдува, рече тој, дека ние имаме голем број пријатели во Европа и во светот кои се застапуваат за исти вредности за кои се застапуваме и ние.

Германскиот парламент – Бундестагот, со мнозинство гласови на пратениците од трите владејачки партии – Социјалдемократите, Либералите и Зелените, вчера ја изгласа резолуцијата со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура на патот на земјава кон членство во Европската Унија.

Резолуцијата не доби поддршка од опозициските партии, вклучително и од конзервативната Христијанско-демократска унија/Христијанско-социјална унија (ЦДУ/ЦСУ) на поранешната канцеларка Ангела Меркел.

Инаку, ЦДУ и баварската ЦСУ идеолошки се сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот во Собранието и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, вели дека резолуцијата што синоќа ја изгласа германскиот парламент со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура е за поздравување и дека ваквиот потег на Бундестагот е резултат на реакциите на опозициската партија изминативе години.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи пред три дена најави дека Министерството е во комуникација со други европски држави за таква поддршка и посочи дека активности во таа насока се почнати уште по усвојувањето на Преговарачката рамка, а конкретниот резултат почнува од германскиот парламент – Бундестагот.

Извор : 360 Степени