ПРВАТА ДАМА НА ЦАРИНСКАТА УПРАВА, СЛАВИЦА КУТИРОВ ЗА ФАКТОР : ЦАРИНСКАТА УПРАВА ЈА ЗГОЛЕМИ НАПЛАТАТА ЗА 25 ОТСТО, А КАЈ ВОЗИЛАТА УШТЕ СЕГА Е ЗА 10 ПРОЦЕНТИ ПОВЕЌЕ

0
615

Славица Кутиров во моментов е првиот човек на Царинската управа и најодговорниот  кога станува збор за наплата на царините на самите гранични премини и на аеродромите. Го превзеде раководењето откако Горан Сугарески одлучи да се кандидира за градоначалник на Прилеп на локалните избори во октомври.

Во интервјуто за „Фактор“ таа вели дека приходите по сите основи годинава се дури за 25 отсто повеќе во однос на минатата година, а данокот за половните и новите возила уште сега е за 10 отсто подобро наплатен во однос на целата ланска година.

На функцијата прв човек на Царината стапивте на крајот на јули годинава, што значи дека тука сте неполни два месеци. Во каква состојба ја затекнавте оваа значајна институција, и кои се клучните подобрувања и новини што Вие ги донесовте?

Кутиров: Во Царинската управа работам повеќе од 20 години. На функцијата генерален директор дојдов од позицијата помошник директор на Секторот за информатички и комуникациски технологии, што е еден од клучните сектори во тековното работење, посебново развојот и модернизацијата на Царината. Долго време ги следам состојбите во овој сегмент од функционирањето на државниот систем.

Сосема се сложувам дека се работи за многу значајна институција, односно институција која врши наплата на околу 47% од вкупните приходи во буџетот на државата, има задача да го штити здравјето и безбедноста на граѓаните и да спречува нелегални и криминални активности во прекуграничната трговија. Царината е и една од клучните алки во глобалниот синџир на снабдување. Од тие причини, Царината мора постојано да се развива и да ги следи највисоките меѓународни стандарди, применувајќи нови технологии за контрола и олеснување на трговијата, особено кога станува збор за директивите и праксата во Европската Унија. Сето ова бара стабилност и континуитет во работењето, имплементација на многу развојни проекти, координација и комуникација со други надлежни министерства и институции и секако, примена на стабилен и сеопфатен внатрешен контролен систем. На сите овие работи лично сум фокусирана во изминатиов период.

Деновиве сме посветени и на финализирање на проектите за понатамошна дигитализација на Царината, кои ќе ги реализираме до крајот на 2023 година. Најголем дел од овие проекти се поддржани со средства на Европската унија, а дел и со фондови на Светската Банка. Со нив ќе овозможиме високо ниво на усогласување и интероперабилност со системите и стандардите на ЕУ, интероперабилност на национално ниво, како и нови олеснувања и услуги за економските оператори учесници во царинската постапка.

Дали очекувате во иднина да останете на функција, со оглед на тоа што градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој не е кандидиран за втор мандат, најави дека можно е да го превземе раководењето?

Кутиров: Назначувањето на директор на Царинската управа е одлука на Владата на Република Северна Македонија. Како професионалец, во периодот додека ја извршувам оваа функција, заедно со моите колеги, ќе се посветам  на успешна реализација на поставените цели и планови. За тоа дали ќе продолжам и во иднина да ја извршувам функцијата, сепак ќе одлучи Владата.

Владата на крајот на ноември лани го усвои предлог-законот со цел да се регистрираат возилата со странски таблички со намалени давачки до 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи и дали мерката е завршена?

Кутиров: Да, оваа повластена мерка од Законот за регистрација на моторни возила наменета за возила со странски регистарски таблички се применуваше од декември 2020 се до 21 јуни годинава. Во периодот на важење на мерката се „оцаринија“ 4.596 возила, кои ги исполнуваа предвидените законски услови, односно имаа право да ја спроведат царинската постапка за увозно царинење со 50 отсто намалени увозни давачки, што беше и предуслов за регистрација на овие возила.

Увозниците на половни возила се жалат дека се пораснати давачките за издувните гасови ЦО2 за автомобилите. Зошто?

Кутиров: Последните законски измени во овој дел пропишуваат скалесто зголемување на вредноста на коефициентот на емисии на јаглерод диоксид (CO2) на моторното возило. И тоа за 25 проценти во 2021 и 25 проценти во 2022 година. Целта на ова е да се изврши постепено прилагодување на нашиот пазар на половни моторни возила со европскиот, каде се применува зголемено оданочување на возилата со повисоки емисии на СО2. Исто така, со оваа мерка постепено се дестимулираат граѓаните да купуваат патнички моторни возила со високи емисии на СО2, кои се поголеми загадувачи на животната средина и обратно, се стимулира увозот на по-еколошки возила, со пониски емисии на СО2.

Дали новиот данок на моторни возила кој стартуваше од 2020 година, помогна да се обнови возниот парк во земјава и да се намали старосната структура на нашите автомобили, односно да се возат поеколошки возила и да се намали загадувањето?

Кутиров: Статистиката на увозот на половни возила, уште во првата година од стапување на Законот за данок на моторни возила, ги исполни критериумите кои беа планирани – да се задржат приходите на приближно исто ниво и да се намали увозот на половни возила, особено на возила со многу ниски еколошки норми на издувните гасови, односно кои многу загадуваат. Податоците покажуваат значително намалување на увозот на половните возила. Имено, ако во 2019 година беа увезени приближно 38.000 половни возила, тој број во 2020 е намален на 24.000, односно 12.000 половни возила помалку во однос на 2019 година. Истиот тренд на намалување продолжува и во 2021 година.

За обновување на возниот парк ова се добри показатели, но сепак долгогодишната даночна политика за увоз на половни возила, која делуваше стимулирачки во периодот после 2010 година се до 2020 година, го преплави пазарот со половни возила. Со новата даночна политика која има и еколошка компонента и делува на обновување на возниот парк, потребен е период од најмалку 5 години за да се почувствуваат резултатите, но динамиката засега оди во добар правец. Пазарот постепено реагира, се намалува увозот на нееколошки возила, старосната граница на половните возила се придвижува кон поновите модели што значи се увезуваат понови и по-еколошки возила, за кои се плаќаат помалку давачки.

Каква е динамиката на наплата на давачките за увоз на половните, но и на новите автомобили?

Кутиров: Како што споменав, една од целите на овие измени беше да се задржи нивото на приходите од претходно, кога се применуваше стариот закон. Односно, да се стимулира набавката на по-еколошки и понови возила а државата да ги остварува приближно истите приходи. Во првата година, остварена е позитивна разлика помеѓу „старата акциза“ и новиот данок на моторни возила, при што ако во 2019 име акциза се наплатени околу 700 милиони денари, во 2020 година наплатени се околу 1,02 милијарди денари, што е зголемување во износ од над 46 проценти. Истиот тренд продолжува и во 2021 година.

Заклучно до 31 август 2021 година, увезени се вкупно 27.918 возила, од кои 3.893 се нови а 24.025 се употребувани. Приходите на име данок на моторни возила, заклучно со август 2021 година, се зголемени за над 10 отсто споредено со приходите во цела 2020 година (1,12 милијарди денари до август 2021 наспроти 1,02 милијарди денари во цела 2020 година).

Царинската управа на крајот од минатата година вработи 119 нови лица. Дали оваа година имаше нови вработувања, или може да се очекуваат нови огласи по локалните избори?

Кутиров: Поради континуиран зголемен обем на работа, Царинската управа и оваа година, во најголем дел за истите работни места вработи 121 лице, на определено време од една година. Пред распишување на изборите, распишавме оглас за вработување на дополнителни 16 лица, но овој оглас моментално е ставен во мирување и ќе продолжи по завршување на изборниот процес.

Како Ковид-19 влијае на наплатата на акцизата и останатите даноци во 2020? Ќе има ли годинава зголемување на наплатата во однос на минатата година?

Кутиров: Царинската управа на Република Северна Македонија е еден од најголемите полначи на буџетската каса, односно заштитник на финансиските интереси на државата, преку наплата на увозни давачки, даноци, други јавни давачки и надоместоци од увоз. Анализата покажува дека во текот на оваа година, Царинската управа по сите основи ја зголеми наплатата за над 13 милијарди денари или 25 проценти повеќе во однос на цела 2020 година. Ова претставува значителен раст во однос на претходната година, кога поради пандемијата приходите се намалија.

Царинската управа изминатите години спроведуваше акции за проверка на квалитетот на режаниот тутун кој се продава нелегално на пазарите. Во изминатиот период дали има нови заплени, санкционирање или други акции во врска со оваа илегална појава на македонскиот пазар?

Кутиров: Нелегалната продажба на режан тутун нанесува директна штета на државата, затоа што нелегалните продавачи го избегнуваат плаќањето на акцизата за тутунот, истовремено го загрозуваат и здравјето на граѓаните. Режаниот тутун, кој се продава нелегално, често е со лош квалитет, траги од мувла, со одредени неколкукратно повисоки параметри од дозволените граници, штетни по здравјето на граѓаните кои го конзумираат.Според начинот на режењето и дегустативните карактеристики јасно е дека се работи за тутуни кои се подготвувани во примитивни работилници, односно во домашни услови.

Царинската управа како една од важните институции за превенција и спречување на оваа појава, во координација со други државни институции, константно превзема сериозни и конкретни активности на различни нивоа и од различни аспекти, фокусирани на борба против нелегалната продажба на режан тутун во земјата. Само оваа година, на три различни локации, запленивме околу 272 килограми режан тутун и околу 103 килограми тутун за наргиле. Исто така, во соработка со Државниот пазарен инспекторат, по извршени контроли на зелените пазари, запленети се вкупно 204 килограми режан тутун за пушење.

Барате измени во Законот за Царинска управа, со цел ефикасно работење на новиот Сектор за посебни истражни мерки. Каква треба да биде соработката со МВР ако се направат овие законски измени?

Кутиров: Во тек е изготвување на предлог измени на Законот за Царинска управа, кои се однесуваат на точно прецизирање на надлежностите на царински службеници при водење на кривичната постапка, утврдена во Законот  за кривична пoстапка, а за кои постапки се применуваат посебни истражни мерки. Ваквите измени нема да влијаат на тековниот начин на работа и заеднички активности кои ги спроведува Царинската управа во соработка со Министерството за внатрешни работи.

Што друго најчесто запленува Царината и какво е искуството со ПЦР тестовите?

Кутиров:  Во текот на 2021 година најчесто се запленувани разни технички производи и делови за компјутери, облека и обувки, тутун и тутунски производи, производи за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, злато, рачни часовници, девизи, лекови и заштитни медицински средства итн.

Во текот на август, во два одделни случаи на граничниот премин Табановце автопат, мобилните царински тимови привремено задржаа непријавени 1421 антиген тест за КОВИД19 или т.н. брзи тестови. Целта на овие нелегални активности е избегнување на плаќањето на царинските и другите давачки, но уште посериозно е избегнување на постапката за добивање на потребните дозволи за увоз.

Извор : Фактор.МК