КОВАЧЕВСКИ : ОВАА ВЛАДА ПОСТАПИ ПО АМАНЕТОТ НА ИЛИНДЕНЦИТЕ И АСНОМЦИТЕ ДЕКА ПРАВАТА СЕ ШТИТАТ СЕДНАТИ НА ИСТА МАСА ЗАЕДНО СО СВЕТСКИТЕ СИЛИ

0
542
Премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето по повод Илинден на скопско Кале порача дека е време за нови храбри одлуки кои ќе ја продолжат визијата на илинденците и асномците за независна и самостојна Македонија.

-Крушевската репбулика траела само 10 дена, но е симбол на македонската државност. Низ какви предизвици и да минавме, инспирирани од храброста на илинденците и асномците, донесени се сите одлуки до денес. Изборот на првата влада, референдумот за независна Македонија, донесувањето на Уставот како највисок правен акт, одлуката за членство во ОН, Охридскиот договор и конечно, одлуката за нашето членство во НАТО со што оставаривме една од двете стратешки цели поставени од самата независност.

И денес, Репбуликата има потреба од нова државничка одлука со што ќе продолжиме по зацртаниот пат. И денес треба да се свртиме кон аманетот кој ни го имаат оставено илинденците и асномците. Иако порано историјата го оценувала кревањето на Илинденското востание како преурането, денес на него се гледа како на неопходно. Благодарение на тоа, ние денес имаме единствена македонска држава. Порано битките биле на бојното поле, денес тоа е дипломатското поле. Оваа Влада постапи по аманетот на илинденците и асномците дека правата се штитат седнати на иста маса заедно со светските сили. И сите оние кои во следниот период ќе носат важни одлуки, треба да постапат по истиот аманет. Дали ќе ја следиме визијата на илинденците и асномците и ќе седнеме на иста маса со европските сојузници или ќе бидеме изолирани и сами, порача Ковачевски.