КОВАЧЕВСКИ НА ПРОМОЦИЈАТА НА МОНОГРАФИЈА ЗА СОЈУЗОТ НА БОРЦИ : АФИРМИРАМЕ КЛУЧЕН ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА И ДРЖАВНОСТ, ПО ПАТОТ НА БОРЦИТЕ ОД НОБ, ЌЕ ОСИГУРАМЕ И ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА

0
259
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, присуствуваше и се обрати на настан за промоција на Монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи (1948-2023)“, што се одржа во Националната установа Музеј на македонската борба за самостојност.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски:
„Почитувани граѓани,
Почитувани претставници од Сојузот на борци на Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија и граѓаните поддржувачи,
Почитуван претседател на Сојузот на борци, Никола Стојановски, кого го поздравуваме сите одовде, кој од оправдани причини не е денес тука, со чии заложби стана можна реализацијата и на оваа Монографија што денеска ја промовираме,
Почитувана потпретседателке на Сојузот на борци, Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институт за македонски јазик,
Потпретседател на Сојузот на борци, Наум Буревски,
Почитувани автори на монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи (1948-2023)“ – проф. д-р Љубица Јанчева и проф. д-р Александар Литовски, кои создадовте капитално дело за сегашните и идните генерации, за најзначајниот период за македонската државност,
Директорке на Музејот на македонската борба за самостојност, Даниела Николова,
Почитувани претставници од Владата, од институциите, од дипломатскиот кор,
Почитувани медиуми и други присутни – на овој навистина значаен настан

Поважно од тоа што се говори – е што се прави.

И оваа констатација на нашите мудри повозрасни е секогаш пред нас, затоа што само со ваков пристап, зборовите стануваат дела и остануваат патоказ и за идните генерации.
Клучниот период за македонската државност и за воведувањето на македонскиот службен јазик во нашата денешна македонска држава е Народно-ослободителната борба.
Сојузот на борци како организација е живо сведоштво за храброста, истрајноста, за одлучноста и вербата во чекорите по исправниот пат и за прогресивниот дух што води напред.
Овој пристап во реализацијата на стратешките цели е посебно важен денес, кога сме исправени пред современите предизвици на дијалошките маси, за заокружување на современите битки од независноста на државата до денес. Тоа е членство и во Европската Унија, по членството во НАТО. И затоа е важен, но и неопходен овој пристап, во мотивацијата, дека – кога сме одлучно поставени по вистинскиот пат, нема недостижна цел.
Оваа Влада, како што најавивме и ветивме, го овозможи заслуженото место на Сојузот на борци во нашето денешно општество. И прави и ќе направи сè што е потребно за афирмацијата на Народноослободителната борба, како суштински важен дел од македонската историја. Но и за нашата сегашност – и безбедна, стабилна и прогресивна иднина.

Во минатото, со години и децении на назад, прашањето на Сојузот на борците беше решавано на ад хок основа, кога ќе имаше потреба тие тогаш мораа да упатат барање до институциите и тоа да се одобрува, често пати и да не се одобри во минатото и затоа во текот на изминатите денови пратениците од нашата пратеничка група поднесоа амандман на буџетот кој што Владата го прифати и од 2024 година во буџетот ќе има ставка за Сојузот на борците и уште сега се одобрени 1.200.000 денари за активности кои што ги имаат Сојузот на борците и тоа до сега никогаш не било, а сега го овозможивме.

Сакам да упатам благодарност и до Сојузот на борците меѓутоа и до координаторот на пратеничката група на СДСМ во Парламентот, на министерката за труд и социјална политика, на заменик министерот за финансии кои што тоа го направија во текот на изминатите денови.
Монографијата е прво сеопфатно дело посветено на Сојузот на борците од Народноослободилената борба и антифашистичката војна во четиридеценискиот период од завршувањето на Втората светска војна и воспоставувањето на македонската државност. И се објавува во годината кога се одбележува 75-годишнина од формирањето на Сојузот на борците.

Владата го поддржа проектот преку програмата на Министерството за култура за 2023 година за музејска дејност, со финансиска поддршка од 450.000 денари (7.317 евра), на барање на  Националната установа Музеј на македонската борба за самостојност.

И во план е поддршка за следната година и на други дела посветени на значајни настани од НОБ.

Ги поздравувам заложбите на Музејот на македонската борба за самостојност, којшто денес ја исправа неправдата при неговото формирање – со тоа што богатата музејска граѓа посветена на значењето на Првата светска војна се проширува со музејска поставка за периодот од 1941 -1945 година од Втората светска војна. Тоа е приоритет и во следниот период.
Со поддршката за издавањето на Монографијата, овозможивме и прва соработка помеѓу музејска институција и Сојузот на борци.
Борците од НОБ положија животи во борбата против фашизмот и ги поставија темелите на денешна слободна и самостојна, современа, меѓународно признаена, атлантска Република Северна Македонија, идна членка и во европското семејство на народи и држави.

Како што за вас во Втората светска војна немало пречка и сте истрајале во предизвикот да имаме самостојна и независна Република Македонија, така и мојата генерација ќе истрае и ќе имаме европска Македонија.

И со почитта и благодарноста што ги покажуваме кон Сојузот на борците, како генерации на денешнината, покажуваме искрена почит и кон хероите и спомените од НОБ. Но, пред сè, дека сме го разбрале и прифатиле нивниот аманет, да стоиме секогаш на вистинската страна на историјата и да ја чуваме и сочуваме нашата Македонија.
Сојузот на борци бил, е и ќе биде афирматор на прогресивната македонска идеја.
Владата дава целосна поддршка на Организацијата, со тоа што долгот што го имаше до 2016 година, од 5,5 милиони денари го покривме преку Министерството за труд и социјална политика. Овозможивме да имаат сопствени простории за работа. А ги поддржуваме и ќе ги поддржуваме и сите нивни значајни иницијативи.
Грижата за стандардот на повозрасните категории граѓани е подеднакво важна и затоа сакам и тука да потенцирам дека со новиот пакет антикризни мерки се опфатени 187 илјади пензионери, кои во наредните 5 месеци ќе добиваат државна финансиска поддршка. Пензионерите со пензија до 14.000 денари – по 3.000 денари месечно, од 14.000 до 16.000 денари – по 2.000 денари, а пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари – по 1.500 денари месечно. Која што е дополнителна финансиска поддршка на веќе зголемените пензии согласно новата Методологија.
Со новата Методологија осигуравме постојан раст на пензиите и тоа веќе дава резултати. Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари, што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година. А, минималната пензија е 13.150 денари, што е за 4.300 денари повеќе во однос на 2016 година.

Да потсетам дека со измени на Законот за социјална заштита, воведовме и социјалната пензија, за лицата над 65 години, кои немаат никаков приход и не можат по друг основ да остварат пензија. И потврдувам и овде, дека, по примерот на Законот за минимална плата во државата, со закон ќе утврдиме и минимална пензија.

Ова е културен настан, но економскиот и општествениот напредок се меѓусебно условени и неделиви. И преку овој интегриран пристап кон напредокот, ќе продолжиме да работиме.
Уште еднаш, честитки до авторите и до сите вклучени во изработката на Монографијата посветена на Сојузот на борци.

Почитуваниот претседател на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи, д-р Никола Стојановски, во воведното обраќање на Монографијата, прочитав, порачал:

„Верувајте во своите предци и запомнете дека ниту една борба нивна не е засекогаш завршена. Историјата се повторува, а секое време бара свои херои!“.
И јас ветувам – нему, и на сите присутни овде и на сите македонски граѓани, дека овој аманет ќе го продолжиме.
Република Северна Македонија има херои на новото време. И нема да направиме ни чекор назад! На напредокот на нашата родна земја работиме и по партизанскиот аманет, посакуваниот напредок – ќе го осигураме!“