ПССЕ ЈА УСВОИ ПРЕПОРАКАТА КОСОВО ДА СТАНЕ ЧЛЕНКА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА, ,,ЗА” ГЛАСАА И ДВАЈЦАТА ПРАТЕНИЦИ ОД С МАКЕДОНИЈА

0
51

По денешното усвојување на извештајот, Парламентарното собрание на Советот на Европа сега треба да го испрати предлогот за прием на Косово до Комитетот на министри за надворешни работи, кој треба да ја донесе конечната одлука со двотретинско мнозинство.

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска со двотретинско мнозинство го усвои извештајот на грчката пратеничка Дора Бакојани, со кој се препорачува Косово да биде покането да стане членка на оваа организација, чија главна мисија е заштита на човековите права и развој на демократијата.

За извештајот гласаа 131 пратеник од 171 присутен, „против“ се изјаснија 29, а „воздржани“ беа 11 пратеници.

Резултатот од гласањето по извештајот за прием на Косово во Советот на Европа / Фото: Принтскрин

Како што може да се види од листата на гласање, меѓу пратениците што дале поддршка за извештајот се и двајца претставници од Северна Македонија при Советот на Европа, Дарко Каевски од СДСМ и Арта Билали-Зендели од ДУИ.

По денешното усвојување на извештајот, Парламентарното собрание на Советот на Европа сега треба да го испрати предлогот за прием на Косово до Комитетот на министри за надворешни работи, кој треба да ја донесе конечната одлука со двотретинско мнозинство.

Состанокот на Комитетот на министри треба да се одржи на 16 и 17 мај во Стразбур.

Од листата на гласање / Фото: Принтскрин

На усвојувањето на препораката му претходеше расправа која траеше повеќе од два часа. Мнозинството пратеници кои зедоа збор го поддржаа членството на Косово во Советот на Европа, на кое, пак, од друга страна, жестоко се противи Србија, пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Една од директните придобивки на Косово од евентуалното членство во Советот на Европа ќе биде пристапот до Европскиот суд за човекови права, потсетува сервисот.

„Тоа би било кулминација на дијалогот кој се развива во период од две децении, но во никој случај не треба да се гледа како крај на еден процес. Напротив, членството треба да катализира импулс за Косово да продолжи да напредува во зајакнувањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото“, се наведува во соопштението на ПССЕ. 

Парламентаното собрание на Советот на Европа, исто така, го поздрави како голем пробив спроведувањето на пресудата на Уставниот суд во врска со манастирот Високи Дечани, за која рече дека е опиплив знак за посветеноста на косовската влада да постапува во согласност со владеењето на правото.

Во врска со воспоставувањето заедница на општини со српско мнозинство, Собранието посочува дека тоа би било важен чекор за да се обезбеди заштита на правата на косовските Срби. Се додава дека ова прашање треба да биде вклучено во разгледувањето на апликацијата на Косово за пристапувањето во Советот на Европа од страна на Комитетот на министри за надворешни работи.

Од денешниот состанок на Парламентарното собрание на Советот на Европа / Фото: Принтскрин

Собранието го зема предвид и тоа што голем број земји членки на Советот на Европа не го признаваат Косово како држава и во таа насока повика на дипломатија, дијалог и компромис.

ПССЕ во контекст на ова прашање го повика Комитетот на министри да донесе одлука за членство на Косово во организацијата без предрасуди во однос на позициите на поединечните земји членки во однос на државноста на Косово.

Премиерот на Косово Албин Курти изрази оптимизам дека одлуката на Комитетот на министри ќе биде позитивна.

Инаку, Советот на Европа е меѓународна организација за човекови права, демократија и владеење на правото во Европа, со седиште во Стразбур, Франција. Основана е во 1949 година.

Извор : 360степени