АРСОВСКА : ЗОШТО МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА НЕ ГО ПРИЈАВИЛА ПОЖАРОТ ВО УНИВЕРЗАЛНА АКО ЗА НЕГО ВЕЛИ ДЕКА ДОЗНАЛА ПРЕД 9 ЧАСОТ УТРИНАТА

0
42

На денешната прес-конференција скопската градоначалничка, меѓу другото, посочи и дека Град Скопје како сопственик на Универзалната сала не добил никакво известување ниту информација за отпочнување на градежните активности во објектот за кои, како што рече, се дознава од изјавите на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

На точно една недела по пожарот што ја зафати Универзалната сала во Скопје, градоначалничката Данела Арсовска денеска на прес-конференција побара одговори на повеќе прашања во врска со проектот за реконструкција на салата, како и за другите околу опожарувањето на објектот.

Обраќајќи се пред новинарите на денешната прес-конференција, Арсовска праша зошто ако министерката за култура дознала за пожарот пред 9 часот утрината, не го пријавила. Ова прашање таа го втемели на изјавата што министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја даде утрината пред Универзалната сала. Видеоснимка од нејзината изјава беше емитувана и на денешната прес-конференција во Градот Скопје.Во изјавата Костадиновска-Стојчевска вели дека за пожарот дознала околу 9 часот. Командирот на скопската противпожарна бригада Звонко Томески, пак, уште тогаш изјави дека пожарот бил пријавен во 9:50 часот.

„Министерката изјавува дека осознала за пожарот пред 9 часот и дека објектот е осигуран. Противпожарната бригада на Град Скопје информира дека пожарот е пријавен од случаен минувач во 9: 50 часот, а бригадата за пет минути, односно во 9:55 часот пристигнала на местото и пристапила кон гаснење на пожарот со девет возила и 24 пожарникари. Зошто ако министерката осознала за пожарот пред 9 часот, истото не го пријавила?“рече Арсовска на денешната прес-конференција.

Скопската градоначалничка постави дилема и околу изјавата која по опожарувањето на Универзалната сала ја даде Лазар Арсовски, сопственик на фирмата „Универзал Балкан“, која работи на реконструкцијата на салата. Тој тогаш изјави дека двајца работници и инженер кои во моментот на избивање на пожарот биле во Универзалната сала, пробале да го изгасат огнот со противпожарен апарат, но дека не успеале.

„Зошто ако работниците и инженерката на фирмата ‘Универзал Балкан’ се обидувале да го гасат пожарот, и откако не го локализирале и дозволиле истиот да се прошири, не пријавиле и не побарале помош од противпожарната бригада Скопје, каде многу подоцна во 9:50 е пријавено од страна на случаен минувач? праша скопската градоначалничка.

Арсовска побара одговор и на прашањето, на што сопственикот на фирмата која ја реконструира Универзалната сала ја темели констатацијата дека пожарот најверојатно настанал од стар кабел или стара инсталација, како и на која локација во објектот започнал пожарот односно каде работниците почнале да интервенираат.
На денешната прес-конференција, Арсовска, меѓу другото, посочи и дека Град Скопје како сопственик на Универзалната сала, не добил никакво известување ниту информација за отпочнување на градежните активности во објектот за кои, како што рече, се дознава од изјавите на министерката за култура.

„На новинарска констатација од брифингот со министерката за култура на 10 април се коментира дека надзорот изјавил дека е навлезено во втора фаза без потпишан договор. Врз основа на кој проект е продолжено да се реконструира Универзална сала? Врз основа на кое мислење за стабилност и сеизмичка заштита се реконструира Универзална сала?

Кој е управител на градба на објектот на Универзална сала во моментот на опожарување и врз основа на кој документ и на кој проект? Кој е надзор на градба во моментот на опожарување и врз основа на кој документ и на кој проект?“додаде Арсовска.Скопската градоначалничка праша и каде, кога и од кого е осигуран објектот на Универзална сала, на која вредност и за кои случаи на настанување штета – согласно изјавата на министерката за култура која, говорејќи за настанатата материјална штета во Универзалната сала, рече дека објектот е осигуран.
Пожарот во Универзалната сала избувна минатиот вторник.