КОВАЧЕВСКИ : НАРОДОТ ОСТАНА СИЛЕН, ЈА ПОДДРЖУВА ЕВРОПСКАТА ИДНИНА, САМО ДЕЛ ОД ОПОЗИЦИЈАТА САКА ДА ЈА ЗАКОЧИ

0
214

Од денот кога ја вративме нашата независност пред повеќе од 30 години, огромното мнозинство на граѓаните, над 80% ја поддржуваат нашата заедничка визија –членството во ЕУ. Народот остана силен и решителен, но дел од политичарите станаа слаби и полни со сомнежи, станаа кочничари на подобра, европска иднина, рече денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Во обраќање по повод одбележувањето на Денот на независноста Ковачевски кажа дека 80% од населението ја поддржуваат европската визија за Македонија, а само дел од опозициските пратениците во парламентот сакаат да ја закочат.

Тоа е неодговорно кон најважното, иднината на земјата, иднината на младите македонски генерации, кажа Ковачевски.

-Јас, ние од СДСМ, тотално не се согласуваме со политиката на Апасиев и Левица. Тие се против ЕУ, против НАТО, зборуваат за рускиот модел. И покрај се тие остануваат лојални на својата идеологија. Но, тие се малцинство меѓу населението. Како човек кој иднината на земјата ја гледа во ЕУ и кој работи за тоа да стане реалност сметам дека нашата земја има многу поголем проблем со оние циници кои секој ден едно зборуваат а друго прават.  Со оние кои само декларативно поддржуваат членство во ЕУ но се главни кочничари на нашиот европски пат. Како да се плашат од се што се залага Европа – владеење на правото, демократија, мултиетнички мир, благосостојба, рече Ковачевски во обраќањето.

Жал ми е што морам да ги покренам овие прашања на овој ден, кој треба да биде славенички.  Но, имам должност и одговорност да укажам не само на надежта, туку и на опасностите што стојат пред нас од нова изолација и неизвесност ако останеме надвор од ЕУ, додаде Ковачевски.

Ние сме мала земја, единствена и посебна. За да ја заштитиме за на век, ни треба интеграција, продолжување на силната соработка со нашите сојузници, партнери и поддржувачи, САД и ЕУ.  Не ни треба изолација. Не ни треба нова неизвесност. Не смееме да ја пропуштиме историската шанса којашто е пред нас, кажа Ковачевски.

-Впрочем и стремежот на нашите предци, на револуционерите, партизаните, преродбениците, не бил да бидеме сами и изолирани. Тие се бореле и сонувале силна и напредна држава, рамноправна со големите европски држави. Да може самите да одлучуваме за себе. А не други да одлучуваат за нас, да ни ја кројат судбината, денешницата и утрешнината. Затоа, гласникот на слободата од 8 Септември 1991 година бара да го чуеме гласот за иднината. Тоа е гласот за Европа, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.