КОВАЧЕВСКИ ЗА ,,ТРИЛИНГ” : ГРАЃАНИТЕ ЗАСЛУЖУВААТ ЕВРОПСКА ИДНИНА, СТРАТЕШКИТЕ ОДЛУКИ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРЕДМЕТ НА ДНЕВНА ПОЛИТИКА

0
410
„Процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија бара вклучување на сите политички чинители во донесувањето одлуки“ вели претседателот на Владата Димитар Ковачевски во интервју за „Трилинг“. Премиерот посочи дека на патот до полноравно членство во ЕУ постојат многу важни одлуки кои треба да се донесат и дека во овој сериозен процес, важен за граѓаните треба да се исклучи дневната политика и ја повика опозицијата да учествува во стратешките одлуки за државата. Ковачевски во интервјуто нагласи дека должност на политичарите е да им обезбедат на граѓаните „во ЕУ да живеат дома, а не да живеат во ЕУ иселувајќи се“.

„Овие одлуки не треба да бидат предмет на уцена, бидејќи има уште одлуки коишто треба да се носат до финално зачленување во ЕУ. Ама ВМРО-ДПМНЕ до сега не поддржала ни една одлука за зачленување на Северна Македонија во НАТО или ЕУ. Кажете ми една одлука која тие ја поддржале?! Беа против зачленување во НАТО, тие не влегоа во собраниската сала кога го гласавме договорот ФРОНТЕКС. Тој е договор помеѓу нашата држава и ЕУ каде за прв пат, на еден договор стојат сите официјални јазици на ЕУ и македонскиот јазик без никакви појаснувања, додавки или фусноти. Тие не влегоа во собраниската сала и не го гласаа. За каква поддршка ние зборуваме, тие секогаш имале декларативна поддршка, меѓутоа никогаш немале реална поддршка. Сега треба да се исправат себе си, да дадат реална поддршка на овој процес. Процесот на уставни измени е структуиран процес, започнува со експертска комисија во Министерството за правда, и јасно е дека треба да вклучува експерти и од опозицијата“, рече премиерот  Ковачевски.

Претседателот на Владата најави транспарентен процес за кој ќе има јавна дискусија, ќе биде на увид на меѓународната и академската заедница, невладините организации, медиумите, а преку медиумите сите граѓани ќе може да се уверат за каква промена се работи. Собраниската процедура исто така ќе биде подолга, премиерот Ковачевски во интервјуто ја објасни постапката која ќе се спроведува во законодавниот дом, која исто така ќе биде транспарентна постапка, каде во амандманска расправа сите ќе може да кажат свое мислење.

„Ова е одлука за иднината на нашите идни генерации и за сегашните генерации, бидејќи македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ. Сакаат да живеат во ЕУ тука дома, а не да живеат во ЕУ да се иселуваат во странство, во Германија, Франција, Британија, тие одат во Италија, Германија и Франција заради подобар стандард. Ќе ви дадам една споредба, тоа е најдобрата споредба. Погледнете ги Чешка, Словачка, Полска, Романија. Каде беа тие до пред зачленувањето на ЕУ. Направете само споредба, повозрасните наши граѓани можат да направат. Тие земји кога беа дел од Варшавскиот договор имаа неколкукратно понизок животен стандард од нашиот. Погледете денес, наши граѓани одат да работат заради повисоки плати во Словачка и во Чешка, ако отидете во Прага вие ќе најдете голем број наши граѓани коишто работат таму во фабриките и во компаниите, бидејќи тие го унапредија и животниот стандард и нивото на економијата и нивото на целото општество со зачленувањето во ЕУ. Нашите граѓани тоа го заслужуваат, ние за тоа зборуваме, не зборуваме за надмудрување, кој ќе има 80 пратеници, кој ќе нема 80 пратеници, тоа не може да биде прашање на дневна политика, тоа е прашање на иднината на оваа држава. Пред 31 година сме формирале држава кадешто консензуално сме кажале дека државата ќе биде членка на НАТО и на ЕУ. Сите одлуки на тој пат на нашата држава и кон НАТО и кон ЕУ ги донеле прогресивното мнозинство во кое водечка улога има СДСМ“, рече премиерот  Ковачевски за „Трилинг“.