КОВАЧЕВСКИ ЗА ТВ21 : САД САКААТ ДА ЈА ВИДАТ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ И ПОДДРШКАТА И ОД ЕУ Е НАЈГОЛЕМА ДОСЕГА, БЛОКАДАТА Е КОЧЕЊЕ ПОДОБАР ЖИВОТ НА ГРАЃАНИТЕ

0
438
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во вечерашното интервју за ТВ21 зборуваше за средбата со заменикот помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар, во Скопје, како и за значењето на продолжувањето на европските интеграции.
„САД сакаат да ја видат Северна Македонија како дел од ЕУ. Тие беа наша најголема поддршка кога станувавме дел од НАТО. И според сè она што го носиме како вредности како општество, граѓани и држава, тие сметаат, а тоа не се разликува воопшто од она што ние сметаме, дека Северна Македонија покрај членството во НАТО, треба да биде дел и од ЕУ. Заложбите на Владата и она што Владата го работи како проевропска Влада апсолутно се совпаѓаат со стратешките интереси на САД и тоа беше истакнато, дека секогаш се ценат како партнери оние што се ЗА поддршка на НАТО и европските интеграции и на владеењето на правото во државите“, соопшти премиерот Ковачевски.
„Ако ја видите и денешната прес-конференција на претставникот на САД, тој јасно кажува дека партнери на САД се тие коишто се за НАТО интеграции ЕУ интеграции и за владеењето на право“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата Ковачевски, оцени дека политика на блокада и изолација е кочење на процесите кои значат подобар живот и интеграција на државата.
„Да не заборавиме ние почнавме европски интеграции заедно со Хрватска 2006 година, денес Хрватска е земја членка на ЕУ, дел од Шенген и земја која воведе евро. А ние дури минатата година ги почнавме преговорите со ЕУ, благодарение на оваа Влада. Нашите граѓани не заслужуваат повторно да седат во чекалната како што изјавува претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, кој вели ако треба ќе чекаме 10 и 20 и 30 години“, констатираше премиерот Ковачевски.