ИЗРАЕЛ ТВРДИ ДЕКА БОЛНИЦАТА ВО ГАЗА БИЛА ПОГОДЕНА ОД РАКЕТА НА ХАМАС

0
349

Израел ги отфрли обвинувањата дека бомбардирал болница во Газа, при што се верува дека загинале стотици луѓе и кажа дека таа најверојатно била погодена од ракета на Хамас. Според советникот на израелскиот премиер Нетанјаху, Марк Регев, во моментот кога била погодена болницата, Хамас го ракетирал централниот дел на Израел.

„Знаеме дека во моментот на оваа трагедија во Газа имаше огромен напад на цели во централен Израел. Сирени за тревога се слушнаа и во Тел Авив. Знаеме дека тие испалуваа ракети во исто време, најавија дека ќе ја гаѓаат Хаифа со проектили со долг дострел. Ниедна ракета не падна на Хаифа. Каде паднаа тие ракети?“, изјави Регев.

Палестинските власти кажаа дека најмалку 500 луѓе загинале во нападот на болницата „Ал Ахли“ во централна Газа, која целосно се финансира од Англиканската црква. Оттаму кажаа дека на крајот на минатата недела, во дворот на болницата биле засолнети околу 6.000 луѓе, но 5.000 си заминале откако таа првпат беше погодена во саботата.

Од Израелските одбранбени сили кажаа дека болниците не се цел на нивните воздушни напади, а се огласи и Исламски џихад, негирајќи дека има врска со експлозијата.