ЗАЕВ ОТВОРЕНО ПРОГОВОРИ ЗА КОАЛИЦИЈАТА СО МИЦКОСКИ? КОЛКУ ПОРАНО ВЛЕЗАТ ВО СОЈУЗ УМЕРЕНИТЕ ЛЕВИЧАРИ И ДЕСНИЧАРИ, ТОЛКУ ПОЛЕСНО БАЛКАНОТ ЌЕ СИ ГО СПАСИМЕ ОД НАЦИОНАЛИЗМОТ

0
564

Ова е време на борба на умерените со радикалите и колку порано умерените леви и десни лидерства и граѓанства се запознаат, се здружат и сојузат, толку поскоро и полесно ќе си го спасиме Балканот од искрите национализам коишто, на моменти, ја прекриваат дури и Преспа со непријатен чад и мирис, пишува поранешниот премиер Зоран Заев во анализа за списанието „Предизвици“, на тема „отпорноста на демократиите“.

Тој додава дека умерените левичари и десничари имаат одговорност да повикаат на здружено делување и заедно да се спротивстават на радикалните центри и тенденции коишто од лево и десно се спојуваат, користејќи најопасни методи за манипулации, предизвикувајќи конфликт и судир.

„Демократијата не е еднаш засекогаш дадена и нема крајна дестинација или конечно достигнато рамниште. На демократијата треба да ѝ обезбедиме континуиран развој и унапредување“, пишува Заев.

Поранешниот премиер во својата анализа додава дека прашање е дали постои „консолидирана демократија“, бидејќи ако остане таква, ја одземаме нејзината суштина, а тоа е нејзината внатрешна динамика за постојан развој.

„Демократијата треба да изненадува со нови идеи, да ги користи мејнстрим институциите за да допре до што повеќе граѓани со своите бенефити, да изненадува со нови слободи коишто ќе им се допаднат на општествата, а не да се консолидира со наведната глава пред нападите од радикализмот. Има бројни примери, а Македонија е еден од нив. Преку здружување на различните, демократијата може да надвладее над монолитните радикали“, пишува Заев во анализата за списанието „Предизвици“.