ЗАЕВ, ВУЧИЌ И РАМА ЗА ФАЦ : ,,ОТВОРЕН БАЛКАН” НЕ Е УТЕШНА НАГРАДА НАМЕСТО ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ

0
1100

Се надеваме дека новата влада во Германија ќе ја прифати и поддржи иницијативата „Отворен Балкан“ како придонес за целосно спроведување на Берлинскиот процес, пишуваат Рама, Заев и Вучиќ во текст за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Европа не е само континент, туку е и визија. Но, граѓаните на Западен Балкан, кои се значаен дел од континентот и таа визија, предолго беа исклучени и игнорирани. Желбата на нашите народи да бидат прифатени од членките на ЕУ е многупати попречена – со внатрешните политики на земјите-членки, неостварувањето на ветувањата и стравот од иднината. Тоа доведе до разочарување, нестабилност, емиграција и отсуство на големи инвестиции. Како политички лидери на овие земји, можеме или да се жалиме – или да направиме нешто околу тоа. Се одлучивме за второто, се вели во текстот објавен во угледниот германски весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) со наслов „Перспективи за Балканот“, а е потпишан од македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Тројцата лидери понатаму во текстот наведуваат дека во ноември 2019 година потпишале прелиминарен договор за поддршка на Берлинскиот процес, со преземање одговорност за продлабочена соработка во регионот.

„Нашата визија е дека со имплементирање на четирите европски слободи во нашите земји ќе ги надминеме социјалните, економските и трговските бариери кои го попречуваат економскиот раст на нашиот регион. Затоа потпишавме договори со кои се укинуваат граничните контроли за стоката да може да поминува речиси без задржување, а на нашите граѓани им се овозможува непречено да работат во друга држава“,пишуваат Рама, Вучиќ и Заев.

Понатаму велат дека иницијативата „Отворен Балкан“ се покажала како ефикасна и корисна за надминување на многу тешките времиња на пандемијата и, иако иницијативата засега ги вклучува само Србија, Албанија и Северна Македонија, таа е отворена за сите членки на Западен Балкан. Тие велат дека ја користат оваа можност и уште еднаш ги повикуваат сите соседни земји да се придружат и им ги нудат поволностите што ги нуди оваа иницијатива.

„Често критикувани како европско ‘буре барут’, ние како одговорни политичари не можеме да дозволиме нашиот регион да се врати на кошмарите од минатото, во фаза кога ЕУ не може да направи повеќе за своето проширување. ‘Отворен Балкан’ не е утешна награда наместо членство во ЕУ, туку напротив – голем чекор кон членство“,се вели во текстот..

Тројцата лидери изразија и надеж дека новата влада во Германија ќе ја прифати и поддржи иницијативата „Отворен Балкан“ како придонес за целосно спроведување на Берлинскиот процес. Според нив, повеќе шефови на држави и влади на европските земји и американската влада веќе ја изразиле својата поддршка.

„Сега цела ЕУ треба да се приклучи кон поддршката на оваа иницијатива и да ги охрабри нашите соседи да ја претворат нејзината целосна имплементација во факт. Крајно време е сите народи во регионот да се здружат за подобра заедничка иднина – која нуди стабилност, мир и повисок животен стандард за сите. Иднината што се издигнува над споровите од минатото, исто така, им дава надеж на нашите деца“,стои на крајот од текстот објавен во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.