Заев: Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и јазик!

0
918

Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, вели премиерот Зоран Заев и додава дека универзално право на сите нации е да имаат свој јазик и свој национален идентитет. Неговиот албанскиот колега, Еди Рама смета дека идентитетските прашања не треба да бидат дел од дневната политиката и оти Албанија е подготвена „да ја чека Северна Македонија“ за да не се одвојат двете држави во процесот на интеграција.

Околу ставот на коалицискиот партнер Љупчо Георгиевски, што предизвика бурни реакции, Заев информираше дека разговарал со Георгиевски, при што тој му потврдил дека тоа е негов личен став, и како што рече, му објаснил дека тоа не може да биде став ниту на Владата, ниту на коалицијата заради тоа ставовите на Владата по тоа прашање се јасни.

– Не постои никаде во светот, па ниту кај нас да си легнете на 31 декември ’43 како Бугари и да се разбудите на 1 јануари ’44 како Македонци. Тоа го нема никаде. Затоа ни Европа не навлегува во дебатите за историјата. Со Бугарија имаме потпишано Договор во кој прифаќаме заедничка историја меѓу двата народи и двете држави. И тоа е навистина еден сериозен исчекор во духот на пријателството, рече Заев.