ДИМИТРИЕВСКИ : КАКО НОВ ПОЛИТИЧКИ СУБЈЕКТ ЌЕ УЧЕСТВУВАМЕ НА СЛЕДНИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ И ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ, ЌЕ СЕ ПОЗИЦИОНИРАМЕ ВО ПОЛИТИЧКИОТ ЦЕНТАР

0
671

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во интервјуто за Дојче Веле потенцира дека се формирани осум граѓански здруженија во државата по моделот на здружението „За наше Куманово“.

„Очекуваме следниот месец да бидат формирани уште неколку. Во овој процес влеговме по барање на граѓаните на целата држава и тоа што ми импонира е желбата и мотивот на граѓаните да се вклучат со нивно дејствување. Како нов политички субјект ќе учествуваме на следните претседателски и парламентарни избори, без разлика дали ќе бидат редовни или предвремени. Ќе се позиционираме во политичкиот центар, со јасно нагласени државни, национални и патриотски визии, стратегија и политики со сериозни економски, образовни, здравствени проекти, како и проекти од други области кои ќе го подигнат стандардот и квалитет на живот на граѓаните! Предуслов за сето оваа е добро владеење, во чија основа е владеење на правото и правна држава“, вели Димитриевски.

Тој информира дека во здружението се приклучуваат разочарани членови од двете најголеми партии, но и од помалите, и тоа без разлика на нивната верска и етничка припадност.

„Особено ме радува што во овие здруженија се приклучуваат граѓани кои досега немале никаква политичка активност, неопределени и голем број граѓани што не гласале никогаш досега. Тоа ми дава за право да верувам дека ќе бидеме политичка сила која ќе биде важен фактор за формирањето на новата влада“, истакнува Димитриевски.