ДЕНКО МАЛЕСКИ СО ОСУДА ЗА ЦРВЕНКОВСКИ И ИВАНОВ: ВАКА НЕ ЗБОРУВААТ ПОРАНЕШНИ ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ДРЖАВА

0
1652

Политичката историја на демократските држави, како онаа на Америка, на пример, покажува како треба да се однесуваат поранешни претседатели. Со исклучок на Доналд Трамп, кој, сакам да верувам, само го потврдува правилото, поранешни претседатели на САД се пример за пристојност и умереност кога настапуваат во јавност. Слободни да го кажат своето мислење за што ќе посакаат, поранешните претседатели сепак главно зборуваат за своето претседателствување. Избегнуваат, освен во изнимни случаи, да се изјаснуваат за актуелни политички настани за кои е задолжен актуелниот претседател а не тие. Едноставно, сметаат дека не е фер ниту е пристојно, кога друг ја носи одговорност за управување со државата, тие да се прават паметни и да судат што е добро а што лошо. Не и со нашите поранешни претседатели Бранко Црвенковски и Ѓеорѓе Иванов. На денешниот собир во МАНУ, наместо да кажат со какви задачи се соочувале како претседатели, што направиле за остварување на стратешките цели поставени во 1991, членство во НАТО и во ЕУ и кои се научените лекции , тие распалија по актуелната власт. Ваква немилосрдна канонада против владата на Зоран Заев, но, индиректно, и на претседателот на државата Стево Пендаровски е на рамниште на онаа што секојдневно доаѓа од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Иванов ја нарече земјата заробеник на „провинцијализам,во нарцисоидната егоцентричност на својата елита“. Дека „сме опседнати со бесмислени политички кавги без суштина и примитивизам каков не е виден кај нас…кој постојано поттикнува меѓусебни расправии, конфликти, нетрпеливост…“Дека „секојдневно сме сведоци на скандали, афери, криминални и коруптивни случаи кои досегаат до највисоките нивоа на власта„. Дека „политичката елита разви клиентелистичка мрежа која на некои поединци им овозможи екстремно богатење, осигурувајќи притоа политички надзор над новосоздадената економска елита“. На крајот заклучи дека има чувство дека живее во земја на клептократијата, во која владеат најлошите. Еве да се согласиме дека сето ова е точно. Ама истото ја крактеризираше и „неговата“ власт. Што е тоа? Нашиот фаличен демократски систем која произлегува од отсутвото на демократска состојба на умот.

Поранешниот претседател Црвенковски беше брутално јасен и наброја како гледа на сегашното владеење на Заев и, индиректно, на претседателствувањето на Пендаровски на кого му понуди сојуз во борбата против злото. „Македонија е корумпирана држава“, вели тој. „Македонија е внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава“, ќе продолжи да набројува. „Македонија е држава која живее на кредит и…умира на рати“. Пострашни и понесамокритични зборови не може да смисли ни најлутиот непријател. Патем кажано, што се однесува до внатрешната поделенаост, во негово време избија првите симптоми на меѓуетничката конфронтација која заврши со војната од 2001.

Не, вака не зборуваат поранешни претседатели на држава во една демократија. Вака зборуваат претседатели кавгаџии кои не можат да се соочат со недостатоците од сопственото владеење во кои постоеле сите елементи за кои се критикува сегашната власт. Каков е тогаш тој апел за домашен консенсус околу некаква национална платформа од некој кој на власта најотворено и објавува војна? Стево Пендаровски, кој се најде во улога на претседател на една тотално пропадната држава, можеше барем да им укаже на своите претходници како треба да се однесуваат поранешни претседатели.

Денко Малески