ХРИСТО КОНДОВСКИ: 10 ТОП ПРОЕКТИ ЗА БИТОЛА

0
593

Почитувани битолчани и битолчанки, драги мои сограѓани,

Денес, на почеток од изборната кампања, сум исправен пред вас, со сиот свој кредибилитет, желба и порив, заедно со носителот на советничката листа и кандидатите за советници, подготвени, да го понудиме најдоброто за нашата Битола, и во кадровска и во програмска смисла.

Лично сум подготвен да го вложам најдоброто од себе, да го инспирирам најдоброто во сите нас – заедно, чекор по чекор, да го оствариме најдоброто за нашата Општина!
Битола ја замислувам како развиена и перспективна Општина во која вреди да се живее, да се работи и создава, тука да се основа семејство, да се твори и спокојно да се старее. Град полн со живот, чист и раздвижен, економски развиен, урбанистички современ, инфраструктурно обновен.

Битола во која спортот и рекреацијата се секому на дофат, а професионалните спортски клубови – национална гордост. Град, привлечна туристичка дестинација, кој пулсира во духот на културата и забавата.

Тоа е мојата визија, тоа е нашата визија, а за истата е изработена досега најплодната локална изборна програма која извираше од реалните потреби на граѓаните и потребата за севкупен локален развој.

Денес ги претставувам и ви ги ветувам 10-те топ проекти кои ги отсликуваат контурите на визијата за поубава Битола. Истите се проследени со десетици други проекти содржани во програмата кои драстично ќе го подобрат животот во Битола.
Но, не само тоа – ви ја ветувам и целата моја енергичност, знаење, храброст и искуство, како и неколкукратно зголемување на општинската ефикасност и ефективност.

Оние кои добро ме познаваат, знаат – Тоа што ветувам – тоа го исполнувам! Кај мене зборот е збор!

Ви ветувам и се обврзувам на целосно ослободување на севкупниот општински потенцијал преку изработка на нов ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН, како услов за економски развој и просперитет на Битола.

Пробивање на ПОДЗЕМНА СООБРАЌАЈНИЦА кај хотел „Епинал“ и изградба на ПОДЗЕМНА ГАРАЖА!

Битола ќе стане ВЕЛОГРАД преку изградба на ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА која ги поврзува сите големи улици протегајќи се кон Ниже Поле и Националниот парк Пелистер.

Ќе извршиме модернизација и реконструкција на трите ГРАДСКИ СООБРАЌАЈНИ ВЛЕЗОВИ според сите безбедносни стандарди.

Ќе направиме реконструкција и изградба на локалната ИНДУСТРИСКА АРТЕРИЈА која ги опфаќа ул. „Индустриска“ и ул. „Индустриски пат“.

Ќе изградиме МУЛТИФУНКЦИОНАЛЕН СПОРТСКИ ЦЕНТАР во кој се предвидени фудбалско, кошаркарско и тениско игралиште, затворен базен и аква парк, како и хотелски комплекс!

Ветувам формирање на ТЕХНОЛОШКИ ПАРК кој ќе овозможи младите да ги реализираат своите бизнис идеи преку финансиска, кадровска и административна поддршка.

Проектот ЗЕЛЕНА БИТОЛА опфаќа развивање на зелените површини на ТУМБЕ КАФЕ, зголемување на зелените градски површини за 30% и изградба на нови детски паркови.

СУБВЕНЦИИ за енергетски ефикасни фасади, велосипеди, плински уреди за возила, како и за набавка на хибридни или електрични возила.

ГАСИФИКАЦИЈА и ТОПЛИФИКАЦИЈА со кои ќе бидат опфатени првите индустриски капацитети и 35 јавни објекти.

Локалниот СКИ ЦЕНТАР НИЖЕ ПОЛЕ ќе добие современа опрема за заснежување и правење на вештачки снег, а ќе се заменат и трите СКИ ЛИФТОВИ со нови!

ЗООЛОШКА ГРАДИНА ќе добие просторно проширување, зголемување на животинскиот фонд за 20%, активен истражувачки центар, работилници и ветеринарна амбуланта.

Со овие, но и со многу други проекти, мерки и решенија заедно со носителот на советничката листа и кандидатите за советници ќе го посетиме сечиј дом, ќе разговараме со секого од вас.., барајќи ја вашата доверба, за токму тоа – НАЈДОБРОТО ЗА НАШАТА БИТОЛА!

Истовремено, на самиот изборен старт испраќам силна порака за фер и демократски изборен процес во пријателска атмосфера каква што ѝ доликува на Битола, на што и сам се обврзувам.

Ви благодарам!