ДАУТИ ВО КОЛУМНА ЗА ,,КОХА” : ,,ЌУЛАФКОВА ГИ ПЛАШЕШЕ И ЛАЖЕШЕ МАКЕДОНЦИТЕ ДЕКА И НИВ И ЈАЗИКОТ ЌЕ ГИ СНЕМА ДОКОЛКУ СЕ ПРИФАТИ ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА, НО ОСМАНИ ГИ ЗАШТИТИ ИНТЕРЕСИТЕ НА ДРЖАВАТА

0
1495

„Откако се објави протоколот и ‘работите што ги криеше министерот Бујар Османи’, се виде дека македонскиот јазик е јасно дефиниран како јазик на комуникација со ЕУ и оти историските прашања се надвор од преговорите. Османи ги демантираше сите, кои тврдеа дека е предавство Албанец-министер за надворешни работи во ‘македонска’ (северна) Македонија да преговара ‘за македонски идентитетски прашања’.“ – тврди Даут Даути во својата колумна со наслов „Потписот’ на Бујар и ‘метлата’ на народот“, која ја објави весникот на албански јазик „Коха“.

Даути пишува: „Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој беше оспоруван и фален за преговорите со Бугарија, ги имаше 19 јули и почетокот на преговорите со ЕУ како круна на своите активности. Османи уште еднаш докажа дека албанските кадри можат да преземаат тешки државни товари, иако одговорноста за гласањето на францускиот предлог беше споделена со коалициските партнери и другите албански партии.“

„Се што потпишале поединци еден ден народот ќе избрише! Голем збор со патриотски патос кажа академик Катица Ќулафкова, загрижена за судбината на својот народ и држава. Но, таа не е ниту прва, ниту последна, што кажува големи зборови за тој кутар народ, кого често го ‘бомбардираа’ со секакви стравови, во контекст на компромисот со Бугарија. Со фаталистичките ставови, според нив, отсега нема да има ниту македонски народ ниту македонски јазик, за разлика од изјавите на власта и европските претставници, кои го тврдат спротивното.“

„Опозициските кругови рекоа дека е предавство Албанец-министер за надворешни работи во ‘македонска’ (северна) Македонија да преговара ‘за македонски идентитетски прашања’. Ова го сугерира и оценката на академик Ќулафкова на почетокот на овој текст. Затоа имаат тежина зборовите на искусниот дипломат Денко Малески дека Бујар Османи ја спречил Бугарија да го повтори ‘грчкиот пристап’.“

„Дали треба да се плашиме од тоа што сите европски земји, до една, ги признаваат македонската нација и јазик? Ако е точно она што го кажа Блаже Конески дека јазикот е нашата татковина, тогаш нашата татковина ќе доживее сеевропско признавање.’ – напиша Денко Малески непосредно пред да биде окрунет невидениот дипломатски успех на Бујар Османи, како што вели тој, со почетокот на преговорите со ЕУ. Според Малески, тоа беше ‘голем ден за министерот за надворешни работи Бујар Османи’.“

„Сега кога е објавен протоколот и кога на виделина излегоа работите, кои ‘министерот ги криел’, сепак се виде дека македонскиот јазик е јасно дефиниран како јазик на комуникација со ЕУ и дека историските прашања се надвор од преговорите. Бујар Османи на најдобар начин ги демантираше сите сомневачи дека министер-Албанец не може да ги штити државните интереси на Македонија.“

„Неаргументирано зборуваа оние, кои го напаѓаа Бујар Османи дека лесно ги продава интересите на државата. Османи само беше на чело на тој процес, тој веруваше во компромисот и одеше до крајот, споделувајќи ја целата одговорност со коалициските партнери и парламентарното мнозинство дали да се прифати, или не резултатот од процесот.“

„Сега ќе следи другата фаза, заедно со опозицијата, чии гласови ќе бидат потребни за уставните измени. Оние кои што имаат илузии, како академик Катица Ќулафкова, дека еден ден ќе ги избришат ‘потписите’ на поединци, може и да се обидат и да и дадат на државата поинаква ориентација од оваа прозападна. Се разбира, ако навистина ја имаат поддршката од народот, како што го велат тоа со полна уста! Да се надеваме дека и овој договор ќе биде затворен како оној со Грција, кога беа зачувани македонскиот јазик и идентитет, двете прашања кои македонската опозиција ги проблематизираше и тогаш и сега.“