ДАМЕВА : ПРЕСУДАТА НА УПРАВНИОТ СУД Е ПРВИОТ ЧЕКОР НАПРЕД, КОЈШТО ВЛЕВА НАДЕЖ ДЕКА ПРАВДАТА Е ДОСТИЖНА

0
280

Во 2023 година имаше непријатна состојба во Судскиот совет и јас се надевам дека 2024 година ќе биде година во која што сите членови на Судскиот совет поединечно и во состав на Судскиот совет ќе најдат начин да ја санираат таа состојба, односно да покажат дека можат да се движат по оној трасиран пат на Советот, исполнувајќи ги основните заложби, изјави Весна Дамева, која од денеска повторно се врати на чело на Судскиот совет, откако Управниот суд со пресуда ја поништи одлуката за нејзиното разрешување.

Пресудата на Управниот суд, според Дамева, е првиот чекор напред, којшто влева надеж дека правдата е достижна.
– Длабоко се надевам и очекувам дека ова ќе биде и почетокот за враќање на довербата на граѓаните во судството. Нашата работа и сите заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива и ако граѓаните не може да ја почитуваат правдата. Јас сум за вистината без оглед кој ја кажува. Јас сум за правдата без разлика за кого е и против кого е, нагласи Дамева.

Според Дамева, ако целта на критиката е во насока на подобрување на одредени состојби и надминување на одредени слабости, таа критика мора и треба да биде прифатена подеднакво и позитивно од сите нас.
– Би сакала да ја истакнам и поддршката што ни беше дадена од страна на ЕУ преку Извештајот којшто беше изготвен од страна на Оценската мисија во кој се детектирани сите состојби и слабости на Судскиот совет и верувам дека истиот на сите членови подеднакво ќе ни биде патоказ за постапување и понатамошно однесување во Судскиот совет, изјави Дамева.

Во однос на одлуките што досега се донесени, Дамева рече дека и ова прашање ќе биде предмет на анализа на Судскиот совет и посочи дека Судскиот совет е колективно тело и одлуките го носи колективно и во тој дел не очекува било какви дилеми.Прашана какво однесување очекува од колегите, Дамева рече дека грешката е направена, но исправена со пресуда од Управниот суд.

– Не очекувам од ниту еден член на Судскиот совет и не би сакала да верувам, дали на тивок начин или гласно, ќе ја опструираат работата на Судскиот совет, бидејќи ова не е парламент да има тивок бојкот. Ова е Судски совет и има предвидено начини и механизми и активности што треба да ги спроведува и очекувам Судскиот совет и понатаму да продолжи да работи без било какви опструкции, а секое опструирање на работата, секое непостапување и недоаѓање на седници си има пропишано законска процедура и понатаму ќе се санкционира, рече Дамева.

Легитимитетот на Судскиот совет, според Дамева, не е донесен во прашање, бидеќи не сите заеднички ја донеле одлуката за нејзино разрешување и порача дека има законска постапка и начин како се разрешува во Судскиот совет.

– Секој член на Судски совет е подложен на разрешување, меѓутоа тоа значи законска спроведена постапка и начин утврден во закон, изјави Дамева.

Фото: МИА