ТЕКСТИЛНИТЕ ГАЗДИ БАРААТ УВОЗ НА РАБОТНИЦИ, СЕ ПЛАШАТ ДЕКА КАДАРОТ ЌЕ ИМ БЕГА ВО НАЈАВЕНАТА КАНАДСКА ФАБРИКА ВО ШТИП

0
553

Текстилните фабрики во Штип од почетокот на новата година се во паника, откако премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски најавија дека во Штип ќе се гради нова странска фабрика која во старт ќе вработува 600 лица со можност во наредните години бројот на вработени да се дуплира.

Канадската компанија „Магна мехатроникс“ која произведува автомобилски системи, модули и елементи, е инвестиција вредна 40 милиони евра, а најавата е деказа своја нова фабрика на Балканот ја избрала токму Македонија.

Но по оваа најава, постојните фабрики во Штип од кои некои исто така произведуваат елементи за автомобилската индустрија се во паника оти сметаат дека голем број нивни работници ќе преминат во новата фабрика. Од можноста за ваков одлив на работна рака замислени се и текстилните фабрики во Штип, кои и сега имаат голем проблем со обезбедувањето работници.

„Во Бирото за вработување нема невработени за работа во конфекциите и сличните фабрики, што значи новите фабрики за да ги пополнат работните места ќе треба да црпат работници од веќе постојните на овие простори или евентуално државата да почне да увезува работници, но за тоа се неопходни одредени законски услови“, вели Кирил Нашков, претставник на домашните текстилни фабрики.

Тој и останатите претставници на Асоцијацијата на текстилните работодавачи не знаат под какви услови доаѓаат новите инвеститори во Македонија. „Ако се високотехнолошки развиени и имаат бенефиции од државата што ги немаат домашните инвеститори, тогаш новите странски компании ќе нудат многу повисоки плати, а тоа ќе значи сигурен одлив на работна рака од постојните фабрики“, сметаат работодавачите во текстилната индустрија. Во ТИРЗ во Штип уште од 2013 работат фабриките „Адиент“, тогаш позната како „Џонсон-контролс“, која произведува навлаки за автомобилски седишта, италијанската „Кондево“ која произведува делови за бојлери и германската „Техникал тексталјс“ која произведува изолациони материјали. Во нив се вработени над 2.500 лица. Фабриката „Кондево“ почна да реализира и нова инвестиција од 35 милиони евра со која го проширува производството и планира да вработи нови 300 лица.

Но, и нивното обезбедување сега е под знак прашање, по последните најави за нова фабрика на канадската компанија „Магна мехатроникс“.