ГРКОВСКА ЗА ТОП ТЕМА : ВОЗНЕМИРЕНОСТА ОКОЛУ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА РЕСТРИКТИВНИ МЕРКИ ПОКАЖУВА ДЕКА ЈА ПОГОДУВАМЕ ЦЕЛТА

0
147
„Иницијативата е за да ги поттикнеме правосудните органи да бидат поефикасни и во суштина да го работат она кое што сите ние очекуваме да го работат. Факт е дека и по допрен глас може обвинителството да реагира, но, за жал, ние не сме виделе ниту еден чекор помрднување во таа насока“, изјави заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во интервју за вечерашното издание на емисијата Топ Тема на телевизија Телма, посветена на предлог измените на Законот за рестриктивни мерки.
Вицепремиерката Грковска посочи дека не може да биде противуставно доколку се дефинира процедура по која ќе се постапува со лицата или компаниите, коишто се ставени на црната листа на САД и Обединетото Кралство, и доколку таа е поврзана со постоечкото македонско законодавство. Како што појасни таа, со ова решение, Владата ќе ја усвојува листата на предлог на органот којшто ја има надлежноста, во зависност од тоа за какво дело се однесуваат санкциите, а понатаму процедурата оди согласно законите.

Грковска истакна дека стратешкото партнерство со САД е клучно за нашата држава, а недвосмислената поддршка за постигнување на сите наши стратешки цели и како народ и како држава, се однесуваат и на борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Осврнувајќи се на критиките во однос на донесувањето на вакви законски измени, Грковска изјави дека е свесна дека ваквите решенија предизвикуваат вознемирување на мала група на луѓе, којашто е научена да се однесува со државата како што сака. „Фактот дека бегалецот од правдата Груевски од Будимпешта се јави да реагира и да се повикува на суверенитетот на државата, сакајќи да се спротивстави на ваквите решенија, само зборува за тоа дека иницијативата којашто ја покренав и законските решенија коишто ги направивме, ја погаѓаат целта“, изјави Грковска.

Вицепремиерката Грковска за Топ тема појасни дека паралелно со измените на Законот за рестриктивни мерки, кој е во надлежност на Министерството за надворешни работи, Владата во најбрз можен рок ќе ги предложи до Собранието потребните измени во другите закони кои се поврзани со ова предлог законско решение.