„ГРЕОТА Е ДА ГИ ОСТАВИМЕ ЛУЃЕТО БЕЗ ЛЕБ“

0
641

Гевгелиската пекара Cake&Bake од изутрината е преполна со граѓани кои поитаа да се снабдат со леб по цена од 33 денари. По еднодневната пауза, откако беа повикани пекарите да не доставуваат бел леб по замрзнати цени, сопствениците на пекарата одлучија дека интересот на граѓаните е најважен.

„Греота е да им скусиме леб на луѓето. Во оваа криза, кога лебот е основен за да се прехранат голем број семејства, ние одлучивме дека треба да продолжиме со работа и да го продаваме белиот леб по цена од 33 денари“, вели за ДВ, Велика Карагонова Созуер, сопственичка на пекарата.

Да се помогне на најзагрозените 

Брачниот пар Созуер пред две години одлучил да ја отвори пекарата во Гевгелија. Почетоците биле тешки, со многу подеми и падови, но за изминатиот период тие успеале да го одржат и да го прошират пекарскиот бизнис.

„Некогаш се работи со добивка, некогаш со зијан, но може да се работи ако се сака. Можеби во овој период ќе работиме со загуба, но мора да се издржи и да им се помогне на овие коишто се најзагрозени“, ни изјави Велика.