КОВАЧЕВСКИ : ГИ ОХРАБРУВАМ АМЕРИКАНСКИТЕ КОМПАНИИ ДА ИНВЕСТИРААТ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, КАКО СТАБИЛНА И БЕЗБЕДНА ДЕСТИНАЦИЈА

0
345

Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со претставници од американската бизнис заедница, кои имаат интерес за инвестирање во Република Северна Македонија.

Делегацијата од американски бизнисмени беше предводена од Ерик Мејер, заменик шеф на Мисија во Амбасадата на САД во Скопје, како и специјални претставници од Стејт департментот.

Тема на разговор на денешната средба беа условите за инвестирање во државава, посебно во делот на зелената енергија, како и поволностите кои земјата ги нуди за инвеститорите.

Поздравувајќи го интересот на американските компании за инвестиции во државава, премиерот Ковачевски ги охрабри присутните бизнисмени да ги разгледаат можностите за вложување во различни сектори. Тој истакна дека Република Северна Македонија е веќе препознаена од страна на други инвеститори како стабилна и безбедна дестинација за инвестирање.

Премиерот Ковачевски ги информираше присутните дека според актуелната законска регулатива, вкупната финансиска поддршка која може да биде исплатена, не може да надмине 50% од висината на реализираните оправдани инвестициски трошоци. При тоа, тој ги спомена олеснувањата за странските инвеститори, како: повратот на инвестициските трошоци, ослободувањето од плаќање комунални такси на локалната самоуправа и такси за земјиште за одобренија за градба, како и олеснувањата во однос на даноците.