ГЕНЕРАЛНАТА СЕКРЕТАРКА НА ЛЕВИЦА, СО НАВРЕДИ КОН НОВИНАРОТ БОРЈАН ЈОВАНОСКИ, ЗНМ СО ОСТРА РЕАКЦИЈА

0
1654

Генералната секретарка на Левица, Јована Мојсоска во објава на нејзиниот Твитер налог вчера, на 1 декември, упати дехуманизирачки навреди кон новинарот Борјан Јовановски, коментирајќи негов телевизиски настап.

 

“Борјан Јовановски на емисија се изнасмеа на моментот дека казна затвор од 25 години му виси на новинар од Алфа и тоа е се’ што треба да знаете за оваа партиска бубашваба.”, напиша Мојсоска на Твитер.

извор: Твитер профил на Јована Мојсоска, генерална-секретарка на Левица

До моментот на објавување на овој напис, објавата на Мојсоска постигна над 230 реакции и 48 споделувања, а поттикна и коментари со повици на насилство и говор на омраза од анонимни профили, дел од кои припаѓаат на пропагандистичката структура на Левица на оваа социјална мрежа.

коментари на објавата на Јована Мојсоска на Твитер, извор: Твит на Јована Мојсоска, генерална секретарка на Левица

Освен навредливиот вокабулар, анонимните профили што коментираат на објавата бараат да се испозатворат сите „од оваа криминална влада и овие слепци овде што ја поддржуваат“,  велат дека „ако не виси џаба се“, а има и закани со смртна казна.

Коментар во нишката на навредливата објава на Јована Мојсоска на Твитер

Новинарот Борјан Јовановски, кој е честопати цел на напад на пропагандата на Левица и нејзини функционери не е воопшто изненаден од ваквиот вокабулар.

„Кога не би знаеле за кого станува збор би бил шокиран кога генерален секретар на една партија, парламентарна, во 21 век користи таков вокабулар. Во случајот знам дека станува збор за опсесивност, поради што изразувам искрено жалење за психолошката состојба во која се наоѓа госпоѓата“, изјави Јовановски за ЦИВИЛ Медиа.

Новинарот Борјан Јовановски, извор: ФБ страница Стоп за полициска бруталност

Во врска со оваа објава, ЦИВИЛ Медиа побара реакција и од Здружението на новинарите на Македонија. Од таму велат дека коментарот на социјалната мрежа твитер од корисникот Мојсоска упатен кон новинарот Борјан Јовановски е за јавна осуда.

„Доколку навистина овој профил е на генералната секретарка на политичката партија Левица, Јована Мојсоска во најбрзо време потребно е да се извини за навредата и омаловажувањето кое го толерира на овој пост од останати корисници, симпатизери на оваа партија. Зборовите „партиска бубашваба“ кон новинар од страна на млад политичар во јавен простор дополнително придонесува кон ниската култура на јавно комуницирање што ја имаат дел од локалните политичари“, се вели во одговорот на ЗНМ до ЦИВИЛ Медиа.

Според ЗНМ, ваквите зборови може да поттикнат дел од партиските членови дополнително да се закануваат кон новинарот Јовановски што може да резултира и со нарушување на неговата безбедност.

ЦИВИЛ му изразува поддршка на новинарот Јовановски и повторно упатува повик до надлежните институции да реагираат кон вакви објави кои потпалуваат омраза, стигма и насилство кон новинарите.

Петрит Сарачини