ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЦАРИНА ВО ПЕТОК НА ПРОТЕСТ, НАЈАВИЈА ЗАТВОРАЊЕ ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ

0
421

Вработените во Царинската управа во петок на пладне ќе протестираат, најави Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија (УПОЗ). Тие бараат додаток на платата од 30 отсто кој им бил ветен со колективниот договор. Од УПОЗ велат дека  почнува долгото жешко лето бидејќи следуваат и други протести по други институции.

„Како што најавивме дека ќе имаме жешко синдикално лето, в петок од 12 часот имаме протест во Царинската управа. Вработените во Царинската управа, иако со години имаат право на додаток од 30 отсто, тие не го добиваат. Тие обезбедија 30 отсто покачување на платата во Министерство во финансии, во други институции не добиваат. Ќе направиме предупредувачки протест за вработените во Царинската управа, кои го полнат буџетот со повеќе од 50 отсто. Знаеме дека има нов директор, чекаме прием, да видиме дали ќе нѐ сослуша. Не се откажуваме од барањето. Не нѐ интересира дали има нов или стар директор“, изјави Трпе Деноски, претседател на УПОЗ.

Од ССМ велат дека не се исклучува можноста да се радикализираат протестите.„Ќе се радикализираат и протестите, размислуваме за затворање гранични премини“, посочија од Сојузот на синдикатите.Вработените во Царинската управа се само едни од низата што си ги бараат ветените додатоци.

Царинската управа од вчера има нов директор Стефан Богоев, откако претходната директорка Славица Кутиров поднесе оставка од лични причини. Богоев претходно беше градоначалник на Општина Карпош.