ВО ПРИЛЕПСКАТА КАСАРНА СЕ ОДРЖАА ОДБЕЛЕЖУВАЊАТА ЗА КАРПАЛАК

0
799

Со поклон, почит и тага пред спомен обележјето во прилепската касарна „Мирче Ацев“ почна одбележувањето на 21 година од трагичниот настан кај месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово. На 8 август 2001-та во заседа беше нападнат армиски конвој и загинаа 10 припадници на резервниот состав.

Пред спомен обележјето се поклонија и положија цвеќиња претставници на семејствата на загинатите, на Армијата, претставник од кабинетот на Претседателот, од локалната самоуправа, здруженија, граѓани и поединци.Оддавајќи им почит на загинатите бранители командантот на прилепскиот гарнизон, потполковник Славчо Кузманоски рече дека спомените и тагата остануваати по 21 година, како вчера да било.

Почит се оддава и пред споменикот во селото Леништа, а ќе се одржи и вечерна богослужба во манастирот „Света Петка“.

Утре, на 8 август, делегации ќе се упатат на месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово, ќе бидат посетени вечните почивалишта на загинатите бранители на прилепските градски гробишта и во населените места, а во 10 часот ќе се одржи панихида во црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила. Во 13 часот е централното одбележување пред споменикот „Карпалак“ во центарот на градот.

На 8 август 2001 година кај месноста Карпалак загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.