ВИЛМА РУСКОВСКА РАЗРЕШЕНА, НЕ Е ПОВЕЌЕ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ

0
320

Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, ја заврши својата кариера во обвинителството откако денеска беше разрешена.

Советот на јавни обвинители денеска едногласно го усвои предлогот на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност за разрешување на обвинителката. Против неа и уште две нејзини колешки беше поведена дисциплинска постапка поради претресот во Управата за финансиска полиција пред речиси една и пол година. Пред да се премине на гласање членовите на Советот едногласно ја одбија жалбата на Русковска за нејзиното разрешување, по што се премина на гласање по предлогот за нејзино разрешување.

Нејзината десна рака во обвинителството за организиран криминал, Ивана Трајчева, во рамките на истата постапка доби мерка занамалување на платата за 30 отсто во траење од шест месеци И Трајчева се жалеше, но нејзината жалба беше одбиена. Советот донесе решение за престанок на функцијата јавен обвинител на Вилма Русковска.

Членовите на Советот само гласаа по предлогот на Комисијата, но не дадоа образложение за едногласно донесената одлука.

Дискусијата за нив траеше околу половина час, а јавноста беше исклучена заради заштита на угледот на обвинителите.

Против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска беше отворена дисциплинска постапка од страна на Јавното обвинителство поради претресот во просторите на Управата за финансиска полиција летото 2022 година, додека директор на оваа институција беше Арафат Муареми.