ВЕЛО МАРКОВСКИ СО НЕЗАВИСЕН НАСТАП НА ИЗБОРИТЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, АМА ОЧЕКУВА ПОДДРШКА И ОД ВМРО-ДПМНЕ

0
302

„Мојата визија за претседател е дека таткото на нацијата секогаш треба да биде на страната на граѓаните, да биде гласен брз разлика дали е изложен на внатрешен или на меѓународен притисок и дали се согласуваат странците. Вистински претседател секогаш ќе знае да ја објасни и да ја одбрани позицијата на својот народ и на својата држава и секогаш ќе биде заштитен од граѓаните“.

Ова меѓудругото го рече денеска доктор Вело Марковски на прес-конференцијата на која официјално ја објави својата кандидатура за претседателските избори.

Тој рече дека најголемата поддршка за претседателската кандидатура ја очекува од граѓаните, од кои и треба да ги добие потребните 10.000 потписи за да влезе во трката за шеф на државата.Марковски рече дека и покрај неговото членство во ВМРО-ДПМНЕ, досега не разговарал со лидерот на партијата Христијан Мицкоски околу својата кандидатура, но рече дека очекува поддршка од опозициската партија

„Во овие 30 години многу често се случуваше ВМРО-ДПМНЕ да поддржува независни кандидати или функционери од други партии на многу клучни места. За градоначалник на Скопје неколку пати, за градоначалник на Центар, за министри. Така што, сега очекувам една спротивна ситуација – мојата партија ВМРО-ДПМНЕ да ме поддржи“ – рече Марковски.

Тој вели дека изминатиов период се нашол на листите за мерење рејтинзи на можните кандидати за претстојните претседателски избори, но нема информација и не може со сигурност да каже кој е нарачател на ваквите мерења.Вело Марковски е специјалист инфектолог. Роден е на 11 мај 1958 година во Папрадиште, Велешко.Тој е прв што во јавноста објави дека сака да се вклучи во трката за претседател на државата следната година.