Бочварски: Градиме пристоен дом за социјално ранливите граѓани во Демир Капија

0
743

„Граѓаните се наш врвен приоритет. Владата продолжува одговорно и посветено да работи, да ги поддржува, помага и да се грижи за сите граѓани со цел да им обезбеди подобар и поквалитетен живот. Само во моментов градиме вкупно 579 социјални станови низ повеќе општини во државата, со што ќе обезбедиме кров над глава и пристоен дом за социјално најранливите категории на граѓани. За следната година, во буџетот на Министерството за транспорт и врски предвидени се преку 130 милиони денари за изградба на социјални станови“ – истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката-Скопје, Кристијан Трајковски и градоначалникот на општина Демир Капија, Лазар Петров, изврши увид во изградбата на социјална станбена зграда во Демир Капија.

Социјалната зграда во општина Демир Капија е со површина од околу 1000 м2 и се состои од 16 станбени единици наменети за социјално ранливите категории на граѓани.

„Морам да истакнам дека сум особено задоволен од начинот на кој АД за стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката, во координација со општините и според дефинирани параметри и критериуми, врз основа на реалните потреби на секоја општина, ги планира програмите за иден развој на инфраструктурата кога станува збор за изградба на социјалните станбени единици и големината на социјалните згради. Како резултат на заедничките заложби и проактивниот однос на Акционерското друштво, оваа година имавме 100% реализација на капиталните инвестиции во делот на изградба на социјални згради. И понатаму продолжуваме посветено заеднички да работиме за да обезбедиме пристоен дом за што повеќе граѓани на кои тоа им е најпотребно. За таа цел, за 2021 година, во буџетот на Министерството за транспорт и врски предвидовме преку 134 милиони денари“ – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Директорот на АДСДП Кристијан Трајковски истакна дека во тек се постапки за изградба на нови социјални згради во неколку општини, а во текот на следната недела се очекува да се потпишат договорите со изведувачи за изградба на социјалните згради во Сарај и Кочани.

„Продолжуваме со изградба на нови социјални станови во неколку општини. Очекувам во наредниве неколку дена да склучиме Договор со Изведувач за изградба на социјална зграда во општина Сарај, а исто така и во општина Кочани. Во тек се постапките за изградба и на социјални станови во Пехчево и Дебар, со што очекувам до крајот на оваа година да ги завршиме сите предвидени постапки и до почетокот на следната година веќе да имаме комплетирање на целокупниот проект“  – изјави директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката-Скопје, Кристијан Трајковски.

„Со овој значаен проект решаваме едно горливо прашање и згрижуваме 16 семејства од општина Демир Капија кои немаат кров над глава. И покрај Ковид-кризата градежните активности се одвиваат континуирано без никаков прекин и очекуваме да завршат за околу 10 до 11 месеци. Со заеднички заложби на централната и локалната власт имаме за цел да обезбедиме полесна интеграција на секој поединец во општеството и поквалитетен живот за сите граѓани“ – изјави градоначалникот на општина Демир Капија, Лазар Петров.