БОЈМАЦАЛИЕВ ГО ОТВОРИ МЕМОРИЈАЛНИОТ ТУРНИР „МАЈА ЛАЗАРОВА ТОДОРОВА“ ВО ЧЕСТ НА ПРЕРАНО ПОЧИНАТИТЕ КОЛЕГИ ПРИПАДНИЦИ НА ОДДЕЛОТ ЗА ЗАШТИТА НА ОПРЕДЕЛЕНИ ЛИЧНОСТИ И ОБЈЕКТИ

0
266


Денеска (17.02.2024) дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во СЦ „Борис Трајковски” го прогласи за отворен Меморијалниот одбојкарски турнир ,,Маја Лазарова Тодорова“ во чест и сеќавање на прерано починатите колеги припадници на Одделот за заштита на определени личности и објекти, а во присуство на началникот Александар Нацевски, припадниците на ОЗОЛО, како и семејствата на прерано загинатите припадници.

„Дозволете ми во оваа пригода во мое лично и во име на Министерството за внатрешни работи да изразам благодарност до Организациониот одбор на укажаната чест да бидам дел од Меморијалниот турнир ,,Маја Лазарова Тодорова“ во чест и сеќавање на прерано починатите колеги припадници на Одделот за заштита на определени личности и објекти и да го прогласам отворањето на Меморијалниот одбојкарски турнир”, рече Бојмацалиев.

„Традицијата e значајна вредност длабоко вткаена во човековото постоење. Таа се негува и пренесува од генерација на генерација, ни дава чувство на припадност и блискост, претставува важна нитка благородна за почит чија цел е спомените и сеќавањата да останат бесмртни. Овој Меморијален турнир ја има токму таа возвишена цел повторно да не сплоти, заедно да се присетиме на ликот и делата на нашите драги колеги кои повеќе не се со нас , на луѓето што некогаш беа важна алка од синџирот на Одделот за заштита на определени личности и објекти, непроценливо богатство на Министерството за внатрешни работи”, истакна Бојмацалиев.

Оддавајќи им должна почит ним и на нивните најблиски, Бојмацалиев рече дека нивната загуба ниту ќе може, ниту ќе се успее кога било да се надомести.
„Ние истовремено оставаме и една силна порака, дека никогаш нема да бидат заборавени и дека тој долг не обврзува постојано да тежнееме да бидеме подобри и по достојни луѓе”, рече Бојмацалиев, притоа во свое и во име на Министерството за внатрешни работи изрази посебна почит кон споменот на нашите прерано починати колеги и кон нивните семејства, со уверување дека спортскиот дух на оваа традиционална манифестација се најдобриот влог што ќе овозможи долговечност и незаборав.

Од страна на началникот на Одделот за заштита на определени личности и објекти, Александар Нацевски, беше истакнато дека придонесот и заложбата на прерано починатите колеги секогаш ќе се памети, а постарите колеги ќе го пренесуваат искуството на помладите колеги, за тоа што значи модерното полициското работење, посветеност и храброст во извршувањето на работните задачи.