БОЧВАРСКИ НАЈАВУВА МОЖНА АРБИТРАЖА ЗА АВТОПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД

0
567

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во денешното интервју за МИА најави можни пенали за изведувачот доколку не се запазат роковите и до 31 декември 2023 не се догради автопатот Кичево – Охрид.

– Во однос на Кичево – Охрид таму може на крајот да се случи да имаме арбитражна постапка во која што државата и изведувачот ќе докажуваат кој каде доцнел. Дали државата со проектната документација, со одредени постапки, изведувачот со одредени процедури во делот на градењето. На крај, тоа се арбитражни куќи коишто водат постапки и носат одлуки за тоа кој каде ги пропуштил роковите и процедурите.

Но, како и да е, за нас, ние, токму поради тоа формиравме единица која што во Министерството работи исклучиво за решавање на сите овие прашања. Кога дојдов во Министерството имаше 70-ина инфраструктурни проекти и сите беа одобрени, потоа продолжи постапката во имотно-правни со експропријација, така што проблемите ги расчистивме, а од друга страна за работата останува на изведувачите да го завршат својот дел, рече Бочварски.

Бочварски додава дека рокот е законски зацртан и дека државата ги обезбедила сите услови за негова доградба. Очекува изведувачот, од друга страна, да го даде својот максимум до крајот на годината.

– Рокот е 31.12.2023 и секако очекувам компаниите, градежните компании, подизведувачите на терен да го дадат својот максимум и да вклучат максимално расположлива механизација и технички персонал со цел да се влезе во завршницата на овој проект. Тоа што го гледам на терен е големо засилување на градежните работи, и на делницата од Охрид кон Аеродромот Охрид кон клучката Подмоље, кај клучката веќе се гледа завршницата.