Ако претходно Североисточниот регион од минатите влади беше заборавен, денес оваа Влада посветено реализира големи инфраструктурни проекти, со кои силно се развива овој регион, инвестирајќи во патната и железничката мрежа, нови фабрики и многу значајни проекти за целата држава.
„Работиме на изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, инвестицијата е повеќе од 62 милиони евра. Исто така, во завршна фаза е проширувањето на државниот пат од Крива Паланка до ГП Деве Баир, инвестиција од 12 милиони евра. Активно ја градиме пругата од Куманово до Крива Паланка , каде на првите 2 фази веќе работиме на терен, инвестиција од преку 200 милиони евра, а до крајот на годината очекувам да се распише и јавен повик за изградба и на третата фаза од тука па се до ГП Деве Баир, најтешката делница од оваа пруга, со што вкупната инвестиција на источниот крак од железничкиот Коридор 8 ќе надмине 700 милиони евра. И ова се најголемите проекти и инвестиции кои се работеле до сега во Крива Паланка и што е уште позначајно многу локални компании и граѓани се ангажирани како логистика во нивната изградба“ изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Овие години во Крива Паланка се случува урбана револуција. Инвестициите во изградба и реконструкција на градските улици не се само обична инфраструктура, тие се артерии на прогресот, поврзувањето и развојот на градот.
Од денеска започна реализација на еден од главните капитални проекти за градот, реконструкција на главната улица „Св. Јоаким Осоговски“. Со новото решение целосно се реализира и регулира нормалниот тек на сообраќајот за моторните возила, се воведуваат нови паркинг позиции и комплетно се реализира пешачкиот сообраќај со изградба на широки и модерни тротоари за правилно движење на пешаците. Со решението Крива Паланка го добива првиот кружен тек како современо решение за надминување на сообраќајните метежи и овозможување на побрз и полесен проток на возилата.
„Градот го живее своето модернизирање. Европскиот лик на Крива Паланка е секојдневие за жителите и сите посетители на градот. Позитивните промени што се случуваат му носат на градот многу поволности, кои се отсликуваат со забрзан економски развој, унапредување на туризмот, но и транспортот и движењето на стоките. Остануваме посветени на реализација на нашата идеја за Крива Паланка. Вложуваме и ќе продолжиме уште поактивно да вложуваме во стратешки инвестиции кои значат развој на Крива Паланка, подобар живот за граѓаните и подобар стандард за сите. Зборот е збор, го дадовме и го исполнуваме. И сега и во иднина“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Во рамки на денешната посета на Општина Крива Паланка двајцата министри, заедно со градоначалникот на Општина Крива Паланка извршија увид во реконструкцијата и на пет улици во населбата Илинденска, инвестиција реализирана со средства на Општина Крива Паланка.
Со финансиска поддршка од Владата за Општина Крива Паланка, обезбедени се и средства во вредност од 26,6 милиони денари за реконструкција на трите главни моста над Крива Река. Преку овој проект предвидена е реконструкција на Шанин мост во вредност од 10.800.000 денари, Виолетов мост во вредност од 6.200.000 денари и Осички мост во вредност од 9.600.000 денари.