БИТОЛА ВЕЌЕ СЕ ПОДГОТВУВА ЗА БАЛКАН ГАЛА, НА РАКОМЕТНОТО ИГРАЛИШТЕ ЌЕ НАСТАПАТ БРОЈНИ МАКЕДОНСКИ И РЕГИОНАЛНИ МУЗИЧАРИ

0
735

Камерниот оркестар на Битола го најави музичкиот настан Балкан Гала, кој годинава ќе се одржи на шести и седми јули на Ракометното игралиште Битола.

Првата вечер, Рок Симфонија, започнува во 20.30 часот, а ќе настапат реномирани имиња и артисти како Ристо Вртев, Гиле (Електрични Оргазам), Ружица (Ареа), Пеце (Суперхикс) и многу добро познатите и редовни гости на Рок Симфонијата на КОБ Михајло Трајковски – Сак и Жарко Јакимоски.

На втората вечер, Поп Симфонија, ќе настапат домашни и странски артисти кои што домашната публика немала можност често да ги гледа на нашата сцена, а сега ќе може да ужива во нивните настапи заедно со Камерниот оркестар на сцената на Балкан Гала со аранжмани направени токму за овој повод од диригентот Владимир Димовски.

Ќе настапат Тони Цетински, Гоца Тржан, Ристо Самарџиев, Горан Каран, Викторија Лоба, Виктор Апостоловски.

Покрај домашните и балканските артисти на сцената на Балкан Гала ќе настапат и интернационални артисти, кои ќе го затворат фестивалот со нивниот ДЈ сет од 23:00 часот, и тоа Darren Emerson – Лондон, Goran Kan и Herzel од Македонија.

Балкан Гала е еден од најпопуларните проекти на Камерниот оркестар на Битола. Настанот веќе прераснува во традиционален и привлекува публика од целата земја.