БИТИЌИ : ОТВОРЕНА Е ВРАТАТА ЗА ВМРО-ДПМНЕ ДА СЕ ВКЛУЧИ ВО НАЦИОНАЛНИОТ КОНСЕНЗУС ЗА ЕУ

0
449

Отворена е вратата на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во националниот консензус за ЕУ и да постапи одговорно. Мора да ни е јасно кон што се движиме, за кои цели политички се бориме, во спротивност нема да постигнеме резултати, истакна во интервју за „Локално“ потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи.

Нашите аспирации се кон ЕУ, а тоа подразбира дека партиите и политичарите треба да развиваат и политичка култура во која одлуките не секогаш ќе се донесуваат низ перспектива на изборни резултати, односно порази или победи. Како владејачка партија го артикулираме историското и стратешкото значење на уставните измени, со кои само државата добива. Второстепено е прашањето дали со тоа некој од партиите ќе има повеќе или помалку гласови на парламентарни избори. Мора да ја надминеме аномалијата која политичкото одлучување го подведува само под тесни партиски интереси. Постојат политички околности, како овие, во кои одлуките треба да се засноваат на интересите и перспективите на граѓаните, нагласи Битиќи, додавајќи дека политичкото калкулирање или одмерување е симптом на неодговорно политичко однесување.

Лидерот на опозициската партија воведе еден нов „квалитет“ во политичкиот простор, а тоа е неконзистентност и нејасност во јавното изнесување на политички ставови кога станува збор за стратешки интереси на државата. Оваа негова променливост повремено се обидува да ја камуфлира со изјави за поставување на некакви услови, односно градење на перцепција дека тој има капацитет да дефинира или влијае на одредена политичка ситуација или процеси во државата. Својата политичка неодговорност се обидува да ја компензира и со политички наратив кој посејува страв, недоверба во општеството, кој разгорува национализам. Зборува за некакво обединување, а упатува пораки на разединување. Вели дека целта е „опстанување на земјата.“ ЕУ нам не ни е егзистенцијален непријател па да се „обединуваме“ против неа. Напротив, евроинтерацијата може да даде дополнителна политички витална енергија на државата, нагласи Битиќи.