Нашиот шеф на дипломатијата Никола Димитров учествуваше на примопредавање на претседателството на Вишеградската група В4, од страна на Република Чешка на Република Полска

0
1000

На покана на чешкиот амбасадор Мирослав Томан, министерот за надворешни работи Никола Димитров денес учествуваше на пригоден настан во чешката резиденција по повод примопредавањето на едногодишното претседателство со Вишеградската група В4, од страна на Република Чешка на Република Полска.

За време на настанот беше даден краток осврт на реализираните активности за време на чешкото претседателство, како и на плановите на полското, кое се совпаѓа со 30-годишнината од Вишеградската соработка. Соочена со предизвици на ниво на ЕУ, но и на глобално ниво, Полска своето претседателство во голем дел ќе го насочи кон зацврстување на заедничките политики на Вишеградската група кои би придонеле за обновување на економијата на ЕУ по кризата предизвикана од коронавирусот.

Министерот Димитров : Мотото на полското претседавање со Вишеградската група ќе биде “back on track” во контекст на справување на последиците со пандемијата. Убава симболика е што и Северна Македонија се врати на вистинскиот пат, сега веќе како полноправна членка на НАТО и со добиеното зелено светло од ЕУ за отпочнување на преговорите – двете стратешки цели кои се случија токму за чешкото претседателство со В4“.

Тој се заблагодари за силната и долгогодишна поддршка на земјите на В4 групата кои претставуваат стабилни партнери на регионот и се залагаат за успешна интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Го повтори позитивниот пример на регионална соработка кој Вишеградската група го дава и кој исто така го поттикна создавањето на Фондот за Западен Балкан. Северна Македонија оствари значителни резултати во спроведување на потребните реформи и унапредување на добрососедските односи кои придонесоа за отворање на едно ново поглавје од нејзината историја, останувајќи посветена, и покрај предизвиците од пандемијата, на реформскиот евроинтеграциски пат и развивање на регионалната соработка.