БЕКТЕШИ : НЕ СИ ИГРАЈТЕ СО ЦЕНИТЕ ДА НЕ СЕ ИЗГОРИТЕ, ОГРАНИЧУВАЊАТА МОЖЕ ДА СЕ ВРАТАТ!

0
323

Фотографија : Фејсбук профил на Кресник Бектеши

Во опција се: замрзнување цени, воведување посебни услови на одредени трговци и затворање синџири на супермаркети што би се однесувале спротивно, се закани Бектеши на претпоставените идни поскапувања. Производителите да не подлегнуваат на притисокот на одредени трговци, кои во вакуумот до практичната примена на Законот за нефер практики, неофицијално ги уценуваат да прифатат маржи од 10 до 30 отсто, порача министерот за економија Крешник Бектеши. Тој се огради дека не би било во ред да оди и да преговара со трговците, оти тоа се косело со улогата на Министерството за економија и пазарната економија и додаде дека во наредниот период „ќе се остави трговците и производителите сами да си го прават редот, а се повика и на совеста на трговците“.

– Мојата препорака до производителите е да не паѓаат на финтите на доминантните трговски синџири. Ова се притисоци, но не било ред јас да фаќам страна. Апелирам до совеста на трговците – додаде Бектеши.Тој се закани и со построги мерки доколку се случи и покрај договорот трговците драстично да ги зголемат цените.

– Ако имаме големо зголемување на цените, пред сѐ, на прехранбените производи, ќе ѝ предложиме на владата нови мерки, но верувам дека трговците, посебно големите синџири, ќе бидат општествено одговорни и нема да ги зголемат цените. Ние ќе донесеме мерки во корист на граѓаните. Не би сакал да ги кажам опциите кои би биле преземени, бидејќи тие се носат по направени анализи. Сепак, ќе кажам дека во опција се: замрзнување цени, воведување посебни услови на одредени трговци и затворање синџири на супермаркети што би се однесувале спротивно – рече Бектеши.
Министерот за економија соопшти дека списокот што содржи повеќе од 2.500 земјоделски и прехранбени производи, чиишто маржи ќе бидат ограничени на 10 проценти, е испратен на преглед кај коморите и најдоцна за десетина дена го очекува нивниот повратен одговор. Листата е дел од веќе усвоениот Закон за забрана на нефер трговските практики.

– Списокот е подготвен и е испратен до коморите. За десетина дена ќе имаме фидбек со нивните предлози и сугестии, а потоа ние ќе ја усвоиме, по што ќе им биде доставена на производителите, дистрибутерите и трговците кои имаат рок од шест месеци за да го усогласат своето работење – рече Бектеши. На прашањето зошто Организацијата се уште не ја добила листата, тој ги повика нивните претставници да дојдат и да ја земат, оти тој самиот им ја ставил на располагање на сите заинтересирани, уште во форма на предлог.

Бектеши ги пофали пратениците кои дале зелено светло за практиките кои се воведуваат во ЕУ и додаде дека законското решение, кое за половина година треба да доведе до поевтинување во маркетите, добило поддршка од опозицијата, од сите политички партии и пратеници во Собранието.
– Имаме практика на инклузивен начин да донесеме решенија. Доволни се десет дена за сугестии. После десет дена, на седница на влада ќе биде усвоен списокот и ќе започне примената – рече Бектеши.

Бектеши: Додека јас сум министер за економија, ЕСМ нема да се продава!
Додека сум јас министер за економија и член на Владата, па дури и веќе да не сум на таа функција, а мојата партија ДУИ е во власта, ЕСМ нема да се продава. Ова е одговорот на министерот за економија Крешник Бектеши на прашањето дали се планира продавање на ЕСМ откако се зголеми неговата вредност со спојувањето со ТЕЦ Неготино?

– ЕСМ треба да биде столб на енергетскиот сектор и ресорот што го водам нема да дозволи под никакви услови да се продава. Дали ЕСМ ќе се продаде? Не знам, но во енергетската стратегија на Министерството за економија е предвидено оваа компанија да биде стожер на енергетскиот сектор. Јас можам да потврдам дека додека сум јас министер и член на влада и ако не сум министер, а во владата е ДУИ, тоа нема да се случи – дециден е Бектеши.

Тој додаде дека нема да се дозволи оваа компанија да се продаде и ако други субјекти побараат да се случи продажба.

– Не можам да ги коментирам причините на одредени други субјекти, како и нивните други политики во однос на компанијата. Но, еве, ги повикувам јавно да се изјаснат за нивните причини – рече Бектеши.

Одбележан Светскиот ден на потрошувачите 15 март

Светскиот ден на потрошувачите, кој го одбележуваме на 15 март, претставува значаен момент во календарот на меѓународните настани. Оваа можност неодамна стана уште поголема со иницијативата на Обединетите нации, која го потенцира значењето на основните права на потрошувачите, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на одбележување на Светскиот ден на потрошувачите 15 март.
-Во светот каде што економските и трговски активности соодветно се развиваат, правата и заштитата на потрошувачите добиваат длабоко значење. Потрошувачот, без оглед на социјалниот статус и приходите, треба да има сигурност и доверба во квалитетот на производите и услугите што ги користат. Според најновото законодавство во областа на заштитата на потрошувачите, сите граѓани имаат право на задоволување на основните потреби, безбедност при користење на производите и услугите, како и на информираност и избор – истакна Бектеши.