БАТАЛЈОНОТ НА СПЕЦИЈАЛНИ СИЛИ ГО ОДБЕЛЕЖА ДЕНОТ НА ЕДИНИЦАТА И 30- ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ

0
328

  

Припадниците на најелитната армиска единица -Баталјонот на специјални сили, со воена церемонија во касарната „Илинден“ го одбележаа 1 март-Денот на единицата и триесет години од формирањето на првата единица на специјални сили во Армијата, која е воедно и првата професионална единица.

По овој повод пред стројот на единицата и многубројните гости се обратија министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, првиот командант на единицата генералот во пензија Мирослав Стојановски и сегашниот командант, потполковник Стефан Ивановски.

Тие во своите обраќања со пиетет се осврнаа на достигнувањата на единицата во изминатите 30 години, која не само што по својата посветеност и врвна обученост е препознаена како најдоброто од Армијата, туку и е  прва професионална единица која го означи почетокот на создавање на современата Армија која ја имаме денес.

Министерката Петровска истакна дека изминативе 30 години баталјонот за специјални сили се трансформираше и адаптираше на современите предизвици, демонстрирајќи физичка и стратешка брилијантност, исполнувајќи ги најстрогите НАТО стандарди во оценување на обученоста и добивајќи бројни признанија од нашите сојузници и нашите партнери за значителен придонес во меѓународните мисии и операции.

“Оценети како ‘Борбено подготвени’ вие сте првата единица која по членството на Северна Македонија во Алијансата успешно го заврши процесот на оценување на борбената готовност и ги исполни строгите критериуми предвидени според НАТО целите за способност. Вие сте пример за чесност и интегритет и беспрекорно работите во неконвенционални и динамични средини и со своите колеги, припадниците од другите единици на македонската Армија во и надвор од нашата територија, но и со колегите од Алијансата со кои заедно формирате нескротлива сила која гарантира колективна безбедност и сигурност на секој еден од нас”, рече министерката.

Петровска истакна дека е горда на покажаната професионалност и порача дека ќе продолжи да се залага за унапредување на условите за работа и животен стандард на сите припадници на Армијата на Северна Македонија.

Генералот Ѓурчиновски честитајќи го Денот на единицата, истакна дека 1 март 1994 година беше предвесник на формирање на современа, ефикасна, мобилна и интероперабилна Армија според најсовремените НАТО стандарди, Армија со која се гордееме. Притоа посочи дека целите и очекувањата од формирањето до денес се во целост реализирани на што тој е особено горд како еден од припадниците на оваа единица од нејзиниот почеток.

„Баталјонот на специјални сили со својот непроценлив придонес во изградбата на модерен систем за обука и со постојаното подобрување на своите  капацитети за борба против современите безбедносни предизвици е една од основните причини поради кои Армијата е препознатлива како професионална, обучена, и посветена во градење на рејтинг помеѓу сојузниците на НАТО. Вашите достигнувања и дела не секогаш се видливи за пошироката јавност, но бидете убедени дека истите секогаш ќе останат високо вреднувани во системот на одбраната кој ќе продолжи да влужува во вас “, истакна генералот Ѓурчиновски. На крајот од обраќањето на припадниците на баталјонот им порача да бидат горди на постигнатото и да продолжат да чекорат со успех и верба.

Првиот командант на оваа единица и поранешен началник на Генералштабот, генералот во пензија Мирослав Стојановски во своето обраќање осврнувајќи се на почетоците на формирањето на одредот, концептот на професионализација со формирањето иаку бил проследен со потешкотии, сепак успешно отпочнал да функционира за прв пат во нашата Армија. На построените сегашни и поранешни припадници на оваа единица  порача дека секоја досегашна генерација, вклучително и припадниците кои ги изгубија своите животи во текот на службата, имаат свои заслуги за поставувањето на темелите за развој на оваа единица и она што досега е  постигнатото. „Чувајте ги и негувајте ги армиските вредности, лојалност, почит, чест, интегритет и лична храброст, затоа што ова се вредности на сите досегашни генерации на оваа единица.“- истакна Стојановски.

Командантот на Баталјонот на специјални сили, потполковник Стефан Ивановски во своето обраќање истакнувајќи дека мотото на единицата „Секогаш и секаде први“ подразбира не само да се биде најдобар во воената професија туку и за пример во храброст, лојалност, чесност и интегритет. Единицата која досега многупати е докажана во мировните мисии, операции и вежби била и ќе биде подготвена секогаш кога тоа е потребно и на неа секогаш може да сметаат не само граѓаните и државата туку и НАТО сојузниците. Кажа потполковник Ивановски.

По повод Денот на единицата се доделија стимулативни мерки на припадници на баталјонот, кои постигнале особени резултати во работата во изминатиот период и за севкупниот развој на единицата, додека од страна на началникот на генералштабот, генералот Ѓурчиновски, на првиот командант на единицата Мирослав Стојановски му се врачи Плакета на Армијата.

На денешната свеченост присуствуваа и заменик на министерката за одбрана Тирон Јајага, генералите во Армијата, државниот секретар во Министерството за одбрана Владимир Анчев, команданти на единиците и претставници од Министерството за внатрешни работи.

Баталјонот на специјални сили во досегашното 30-годишно постоење се потврдува како најелитен армиски состав, кој предводи во обученоста и оспособеноста, отсликувајќи ја подготвеноста на Армијата.

На овој ден пред 30 години за прв пат во Армијата беше формирана единица за специјални намени под името „Волци“. Како Команда на специјални единици функционираше до декември 2003 година, кога единицата е преструктуирана во Одред за специјални намени, а од ноември 2006 година извршено е преструктуирање на единицата во Полк за специјални операции, за да со последните структурни промени повторно функционира како Баталјон на специјални сили.

01.03.2024 година

КАНЦЕЛАРИЈА ЗА ВОЕНИ ОДНОСИ СО ЈАВНОСТА