„АКО ГО ИНТЕРЕСИРА МИЦКОСКИ КОЈ ОД НЕГОВИТЕ НАЈБЛИСКИ СОРАБОТНИЦИ БИЛЕ КАЈ МЕНЕ, ЌЕ МУ КАЖАМ“, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ

0
150

Вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски беше меѓу жителите на Гази Баба и одговараше на нивните прашања.

Граѓаните побараа одговор дали се точни обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека во неговиот кабинет имало тајни преговори за амнестија на политичари. Истакнувајќи дека тој веројатно е најтранспарентниот претседател во историјата на Македонија, Пендаровски рече дека неговата работа во секое време била на увид на јавноста.

„Сега ако господинот Мицкоски тврди дека имало тајни средби не би било лошо еден доказ во таа насока да приложи дали нешто такво се случувало, а не само чаршиски муабети да прераскажува.

Тајни средби кај мене немало. Меѓутоа, ако приложи доказ во таа смисла, а јас ви тврдам дека такво нешто не постои, јас тогаш можам него да го прашам дали него го интересира кој сè барал прием кај мене и да му кажам датуми, имиња и презимиња, затоа што станува збор за неговите најблиски соработници од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

И ако го интересира можам да му кажам што бараа од мене во таа насока. Некои од нив се и меѓу највисоките носители на пратенички листи. Значи, прво нека ми даде доказ за ова, ќе влеземе во дебата.

И ако е мераклија можам и за ова да му кажам датум, имиња и презимиња, најблиските негови соработници пред 2 ипол години бараа прием кај мене, беа примени, јас ќе му кажам што точно разговаравме“, додаде Пендаровски.