(ВИДЕО)Заев: Нема избори на 24 април, ќе бидат во јуни или во јули!

0
1598

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес конференција во партиското седиште кажа дека нема услови за одржување на изборите на 24 април.

Според него, овој датум не може да се испочитува со оглед дека се пробиени сите рокови, а како можен датум за избори Заев го посочи 5 јуни или 5 јули.

СДСМ, коалициските партнери и многу други партии нема да учествуваат на еднострано закажаните избори на 24-ти април. Договорот во Пржино беше склучен да се надмине политичката криза а не да се продлабочи.

Сега секој граѓанин на Македонија лично се увери дека Никола Груевски не сака слободни и фер демократски избори затоа што знае дека ќе ги изгуби.

Тоа се вистинските причини поради коишто Никола Груевски не сака прочистен Избирачки список и слободни медиуми.

Ние, заедно со граѓаните сме во одбрана на уставниот поредок и демократските принципи на коишто почива независноста на Република Македонија.

Основниот, елементрен демократски принцип е еден човек еден глас.

Не фантомски гласачи, туку вистински. Не фантомска волја туку слободно изразена волја на граѓаните.

Без почитување на овој принцпип нарушена е суштинската смисла на демократијата на којашто се поставени темелите на современа Република Македонија.

СДСМ, коалициските партнери од оваа борба нема да отстапат. Без прочистен избирачки список и без слободни медиуми нема фер и демократски избори.

Драго ми е што и другите опозициони партии во државата силно се борат за фер и демократски избори.

Драго ми е што и многу активни граѓански организации се борат за истите вредности.

Ова е борба за спас на Македонија и во неа заедно ќе победиме.

По изборите, новата влада предводена од СДСМ заедно со граѓаните ќе обезбеди стабилна, сигурна Македонија која ќе продолжи по патот на европските интеграции и ќе биде пример за успешно решавање на предизвиците коишто моментално се исправени пред нашата земја, додаде Заев.