(ВИДЕО) Кузевска : Со новите мерки на Владата кратиме непродуктивни трошоци, функционерите ќе примаат минимална плата и ќе сочуваме 250.000 работни места

0
81

Прес- конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

Во услови кога пандемијата со коронавирусот се заканува на здравјето на граѓаните, а стопанството се соочува со црни прогнози, ве уверувамe дека успешно ја менаџираме кризата.

На прво место ни е заштитата на здравјето на луѓето, но истовремено спроведуваме и низа мерки за ублажување на ударот врз економијата.

Владата го усвои вториот голем економски пакет, вреден 200 милиони евра, којшто овозможува директна помош за сите кои се погодени од кризата – за работниците, за стопанството, за малите и средни претпријатија, за дуќаните, занаетчиите, за спортистите и уметниците и за сите граѓани кои се дел од неформалната економија.

Со овие мерки, во овие тешки времиња,ќе сочуваме најмалку 250.000 работни места и ќе им помогнеме на над 35.000 компании полесно да ја пребродат оваа здравствена и економска криза.

Ваквата криза со којашто се соочуваме сите, од сите нас бара солидарност и заедништво во борбата против коронавирусот и економските последици кои ги предизвикува.

Додека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ шират лажни вести и паника, додека предлагаат на граѓаните да им се земат пари од вториот пензиски фонд, Влада е презема суштински и ефикасни мерки.

За да обезбедиме што повеќе средства, за оние кои се најпогодени од кризата, ги кратиме сите непродуктивни трошоци.

Во духот на солидарноста, сите функционери на државно и на локално ниво во наредните два месеца ќе примаат минимална нето плата од 14.500 денари.

Претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции, како и претседателите и членовите на Советите во општините, а кои се вработени, нема да примаат надомест за времетраење на кризата.

Почитувани,

Ова е време кога солидарноста треба да ја покажеме на дело. Затоа Владата отвора солидарен фонд за донации од правни и физички лица за помош и поддршка за полесно справување со кризата.

Во оваа прилика апелираме до сите кои имате можност и волја, да бидете солидарни и да донирате со што ќе придонесете за надминување на овој тежок период.

Во изминатите две и пол години, многу пати покажавме и докажавме дека знаеме и можеме да се справиме со сериозни предизвици, да носиме храбри одлуки за подобра иднина, за остварување на децениските цели-  членство во НАТО и отпочнување на преговори за членство со Европската унија, со што обезбедивме просперитетна иднина за граѓаните и државата!

И сега не сте сами! Заедно, сплотени, со конкретни мерки кои ќе Ви помогнат во овој тежок период, ќе се справиме и со оваа тешка здравствена и економска криза.