Заев: Општината Струмица нема долгови и нема кредити

0
1726

Буџетот на општина Струмица за вториот квартал од 2015 година има реализација од 42 проценти. Кварталниот извештај беше усвоен на денешната 30-та седница на Советот на општина Струмица. Овој процент на реализација беше поздравен од советниците на СДСМ, но и од координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Зоран Пакетов.

Градоначалникот Зоран Заев информираше дека општината финансиски е силна и очекува максимална реализација на капиталните инвестиции:

– Јас сум генерално задоволен од тоа како се движи реализацијата на буџетот, посебно и од физичките делови на реализација на улиците по села и во градот, водоводни мрежи и сето тоа што значи капитални инвестиции, очекувам во максимален процент да биде реализирано. Исто така, обврските на општината се драстично се повеќе од преполовени, што значи немаме проблеми од финансиски карактер кои би предизвикале загриженост. Деновиве очекувам рати и други приходи кои што ќе ги намалат и тие обврски за околу 18 милиони денари со што обврските на општината ќе се симнат на минимално ниво. Тоа е далеку од било кој просек во Република Македонија. Општината финансиски е силна, се носи со своите обврски, навремено се плаќа, имаме само една тужба за горилниците за која е направено спогодбено решение, должиме околу три милиони денари, ќе се регулира и тоа. Сето тоа значи дека немаме проблеми кои финансиски би го загрозиле понатамошното работење на општината. Тоа го кажувам заради транспарентност пред советниците и пред граѓаните за да знаат дека се е во ред. Значаен, а за мене е историски момент, а што треба да го знаат граѓаните, е дека е платена последната рата за МЕАП програмата, тоа значи дека општина Струмица нема кредити, нема долгови и сме единствена општина во Република Македонија со нула обврски за кредити. Се работи за кредит кој што почнавме да го плаќаме во јули 2005 година и го завршивме во јули 2015 година и секое полугодие се плаќаше рата меѓу 200 и 250 илјади евра за водоводната мрежа и не само тоа оваа година имаме капитални инвестиции, почнаа да се прават остатоците на водоводната мрежа на улицата „Климент Охридски“ кои што не беа влезени во МЕАП програмата, што значи со парите кои што досега ги трошевме за плаќање на рати сега ќе си ја довршиме МЕАП програмата, односно ќе ги промениме и тие останати 15 проценти азбестни цевки и со тоа во градот ќе имаме трајно и квалитетно водоснабдување. Важно е да знаат граѓаните дека и последната рата е платена од обврските по МЕАП програмата и повеќе немаме обврски по кредити – рече градоначалникот Заев пред членовите на Советот.