ГЕРМАНСКИОТ ГИГАНТ ЗА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА, ГЕРЕШАЈМЕР ЗАИНТЕРЕСИРАН ДА ИНВЕСТИРА ВО МАКЕДОНИЈА!

0
1320

Вицепремиерот Кочо Анѓушев и директорот на дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Александар Младеновски реализираа работна посета во Сојузна Република Германија и во Република Чешка кадешто посетија два производствени погони на компанијата „Герешајмер“ и остварија повеќе средби со менаџментот на оваа германска компанија, лидер во производството на пластични и стаклени производи за потребите на медицинската и фармацевтската индустрија.

Вицепремиерот Анѓушев и директорот Младеновски за време на посетата во детали ги презентираа можностите за инвестирање во Република Македонија и мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со цел да ги убедат членовите на менаџментот да донесат одлука новата планирана инвестиција да ја реализираат токму во Република Македонија,

– „Герешајмер“ е глобален лидер во производство на пластични и стаклени компоненти кој соработува со најголемите медицински и фармацевтски компании како AstraZeneca, GSK, Roche, Novo Nordisk и други. Иницијалните контакти со оваа компанија се направени пред околу 8 месеци, а за време на дводневната посета разговаравме со членовите на менаџментот на оваа компанија нивната нова инвестиција да ја реализираат во некоја од технолошко-индустриските зони во нашата земја. Посветени сме во реализацијата на овој проект, освен што би се вложиле значителни средства во изградба на производствена хала и набавка на опрема, процесот на производство е на највисоко технолошко ниво на развиеност, со што се отвора можност за вработување на млади и едуцирани кадри од техничките струки – нагласи Анѓушев.

Компанијата „Герешајмер“ има производствени капацитети во 15 земји во Европа, Азија, Северна и Јужна Америка, а согласно деловниот план на компанијата во периодот кој следи планираат отворање на уште една фабрика, која би можела да биде лоцирана и во Република Македонија.

– Ги разгледуваме можностите за реализација на новата инвестиција, во опција се две земји, помеѓу кои е и Република Македонија. Импресионирани сме од инфраструктурата во вашата земја, од условите во технолошко-индустриските зони, како и од посветеноста на Владата да ја направи Македонија успешна приказна. Очекуваме во последниот квартал од 2018 година, бордот на компанијата да донесе одлука за инвестицијата – рече членот на бордот на директори на медицинскиот одел на Герешајмер, г-дин Оливер Бургел.

Дирекцијата за технолошко-индустриски зони изминатиот период оствари интензивна комуникација со претставниците на компанијата при што се презентирани сите можности за инвестирање и можни локации.

– Планот за економски раст е најконкурентен во регионот, а тоа го покажавме изминативе неколку месеци со новите инвестиции во технолошко–индустриските развојни зони. Се надевам дека и компанијата „Герешајмер“ ќе ги препознае можностите и до крајот на годината ќе донесе одлука да инвестира во Македонија – подвлече директорот на ДТИРЗ Младеновски.

Компанијата „Герешајмер“ во моментов управува со околу 50 производствени капацитети во 15 земји, во кои работат околу 10.000 лица, а остварува годишен приход околу 1,3 милијарди евра.