(ВИДЕО) Ременски: Сакаме да бидеме гарант дека нема да има злоупотреби

0
1228

Во минатото во функција на добивање на глас во време на избори се злоупотребувале овластувања, имало уцени и ние сакаме да бидеме гарантори дека тоа нема да се случува во периодот што следува, вели новата министерка за труд и социјала од СДСМ Фросина Ташевска Ременски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Пред десетина дена ја презедовте функцијата во Министерството за труд и социјала, а периодов најмногу во јавноста се слуша за несогласувањата што ги имате со заменикот Диме Спасов. Најголем проблем, според пишувањата на медиумите, е Мила Царовска. Вие имавте инспекција за случајот со неа. Што навистина се случува во нејзиниот случај, таа е вработена во Министерството или не?

Мила Царовска воопшто не е лицето коешто е задолжено за комуникација со граѓаните, а најмалку е овластена да одговара во управна постапка на барање на граѓаните. Во тој контекст исто така сакам да појаснам дека согласно усвоениот закон за влада, по однос на Договорот од Пржино, сите министри од опозицијата и дополнителните заменици министри, вклучително тука и замениците министри од редот на власта и на опозицијата, меѓу коишто е актуелниот мој заменик Диме Спасов, имаат право да ангажираат административни службеници со статус на кабинетски службеници од редот на вработените во институцијата и дополнителна бројка од еквивалентно три кабинетски советници коишто можат да бидат од институцијата или однадвор. Мила Царвоска има статус на кабинетски советник како истакнат активист и работник во делот на граѓанското општество и активизам по однос на прашања од надлежност на министерството, и сметав дека Мила Царовска е компетентно лице да дава одредени сугестии и совети по барања на министерот за прашања во надлежност на министерството.