Пречекот за Нова година што ќе го организира Општина Прилеп ќе биде поразличен од досегашните. Граѓаните ќе се забавуваат, ќе има жива музика, но целиот настан ќе има и хуманитарна цел и порака. Општина Прилеп одлучи парите за прославата за Нова година да ги пренамени за отворање Центар за деца со церебрална парализа. Оваа всушност ќе биде донација на сите граѓани, зашто Општината касата ја полни со средства од сите фирми и граѓани. Според тоа овој пат народните пари ќе бидат пренаменети во неопходниот центар во кој што ќе бидат згрижени овие дечиња.
Општината подготви богата програма за пречекот на Новата година во деновите коишто следуваат. Во четврток во центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток во 19:30 часот ќе се одржи свечен новогодишен концерт на класична музика. Во истиот термин во петокот во театарот „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи премиерата на претставата „Клетници“. Во сабота во 12:00 часот најмладите љубители на театарот ќе може да уживаат во претставата за деца „Аладин и волшебната ламба“, што ќе биде поставена на сцената од центарот за култура „Марко Цепенков“, во исто време од 12:00 ч. до 14:00 часот пак, двајца локални диџеи на градскиот плоштад со избрана музика ќе придонесат за поубаво новогодишно расположение. На 31-ви забавата за пречек на Новата 2018-та година ќе се одржи на плоштадот, со почеток во 22:00 часот, а ќе трае до 1 часот после полноќ.