УТВРДЕНИ СЕ ПРАВИЛАТА ЗА ПЛАТЕНО ПОЛИТИЧКО РЕКЛАМИРАЊЕ НА ПАРТИИТЕ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, ДИК: ЕДЕН УЧЕСНИК ВО ИЗБОРИТЕ МОЖЕ ДА МУ ПЛАТИ НА ЕДЕН МЕДИУМ МАКСИМУМ 15 ИЛЈАДИ ЕВРА

0
731

Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху изјави дека ДИК ќе објави на официјалната вебстраница просечната цена и најниска цена за платено политичко рекламирање за радиодифузерите, печатените медиуми и електронски медиуми во последните пет изборни циклуси.  

“При утврдување на просечната цена на платено политичко рекламирање од страна на телевизиите во Република Северна Македонија, ДИК ќе ги зема предвид последните пет изборни циклуси и тоа – предвремени локални избори за градоначалник во општините Штип и Пласница 2020 година, предвремените избори за пратеници во Собранието 2020 година, претседателски и предвремени локални избори за градоначалник во општините Охрид, Ново Село и Дебар 2019 година, локални избори 2017 и предвремени парламентарни избори 2016 година. Пресметката на просечната цена, ДИК ќе ја направи на начин што ќе ја утврди просечната цена за една секунда платено политичко рекламирање на секои од телевизиите поединечно за секој од изборните циклуси” – изјави Шеху.

Врз основа на член 76 став 5 од Изборниот законик, законски предвидената сума која може да се исплати на еден електронски медиум или интернет портал од еден учесник во изборниот процес не може да биде поголема од 15 илјади евра без вклучен ДДВ.

Таа нагласи дека радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми кои во рок од пет дена од распишување на избориве нема да достават ценовници до ДИК немаат право на платено политичко рекламирање.