СО ПРОАКТИВНА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА, ДКСК ИСТРАЖУВА ПОДНЕСОЦИ ЗА МОЖНА КОРУПЦИЈА

0
680

“Состојбата со корупцијата е многу сериозна и понатаму постојат ризици од корупција што веќе се нотирани во Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси, на кои укажуваат извештаите од меѓународните институции” – изјави Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на прес-конференцијата денеска посветена на сработеното во 2019-2020 година, на крајот на работењето во старите простории.

Ги нагласи како ризици за корупција изразено политичко влијание, владеење односно не владеење на правото, отсуство на казнивост, на интегритет како личен и институционален, недоволна транспарентност, како и недоречености во законската регулатива. Правосудните органи, извршната власта, институциите кои одлучуваат во сферата на урбанизмот и општините се сектори што се перцепирани со најголем ризик на корупција, злоупотреба на службена должност и можност за судир на интереси.

“Најмногу се пријавуваат состојби за незаконско вработување, издавање разни дозволи, решенија за градење и слично, концесии, постоење судир на интереси и при донесување судски одлуки. Најгорливиот проблем е во делот на вработување, најголем број пријави, повеќе од 30% се однесуваат на процесот на вработување, злоупотреба на дискреционото право на раководното лице. За раководните лица пресуден фактор при избор на кандидатите е интервјуто, не секогаш е успехот и освоените бодови, дотолку повеќе што ниту со закон, ниту со други со подзаконски акти не е уреден начинот на водење интервју преку структурирани прашања и негова еволуација” – појасни претседателката на ДКСК.