ПРИМЕНА НА НОВАТА КОНЦЕПЦИЈА, МОН: НОВИ НАСТАВНИ ПРОГРАМИ ЗА ПРВАЧИЊАТА НАЕСЕН

0
989

Првачињата во новата 2021/2022 учебна година ќе учат по новите наставни програми што денеска ги донесе Министерството за образование и наука на предлог на Бирото за развој на образованието (БРО). Бирото денеска соопшти дека наставните програми изминатиот период биле изработени од работни групи формирани од Бирото, составени од советници, наставници од основните училишта и универзитетски професори.

“Во текот на целиот процес на изработка на програмите, работните групи се консултираа и со експерти од области на коишто се темели новата Концепција: родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот, како и за заштитата на животната средина, почитување и заштита на правата и сл. Целата работа на работните групи беше координирана и водена од дел од експертите кои ја подготвуваа Концепцијата за да се обезбеди усогласеност на наставните програми и со сите стратегии и пристапи на настава и учење коишто се промовираат со неа” – се посочува во соопштението од БРО.

Новите наставни програми за прво одделение се изработија врз основа на Националните стандарди донесени од страна на Министерството за образование и наука во февруари оваа година, а беа подготвувани од Бирото за развој на образованието во изминатите две години.