АНАЛИЗА НА ЕФТОВ: БЕЗ БУЛДОЖЕР ДИПЛОМАТИЈА ОД САД НЕМА ДОБРА ОСНОВА ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА СПОРОТ СО БУГАРИЈА

0
1110

Во својата емисија “Во центар”, новинарот Васко Ефтов ги анализира потенцијалните исходи од штотуку завршените избори во Бугарија. Оцени дека ситуацијата е крајно неповолна за решавањето на спорот меѓу двете страни поради крајно фрагментираниот Парламент бидејќи влегуваат шест партии и би биле тешки комбинаториките за составување на стабилна Влада.

На почеток нагласи дека на Бојко Борисов му завршува политичката кариера иако извојува најмногу мандати на овие избори. Смета дека и тој и Каракачанов направиле стратешка грешка со тоа што решиле да играат на антимакедонска карта со цел да добијат што е можно повеќе гласови. За Бојко Борисов спомна дека го сретнал за прв пат во 2005-та год. додека бил државен секретар во бугарското МВР а веќе во 2009-та год. победил на парламентарни избори. Оттогаш па досега, Ефтов тврди дека во Бугарија се елиминирани над 150 мафијаши и олигарси за да можела Бугарија да стане веродостојна членка на ЕУ и на тој начин Борисов стекнал голем број непријатели. Поради тоа, Борисов бара начин како да биде дел од власта и во идната Влада со цел самиот да се заштити. Потсети на герила акцијата против него кога новинарка тајно му влезе во соба додека спие Борисов и притоа го фатила со голем кеш во собата и пиштол. Според него, тоа е порака и од неговите непријатели дека во секој момент знаат каде е Борисов и што прави и дека немаат поголеми проблеми да стигнат до него кога и да посакаат.

Потоа премина на процена на вистинскиот победник на овие избори а тоа е новата партија на шоуменот Слави Трифонов, за кого што рече дека не е политички искусен и дека е тежок партнер за преговори бидејќи во текот на цела кариера ги исмевал Македонците и ги негирал. Трифонов не ја сфаќа сериозноста на ситуацијата и нема намера за било што да побара компромис со цел да се олесни патот на Македонија кон ЕУ.

Како најопасен политичар со интелигенција, го посочи поранешниот премиер Иван Костов кој што е во позадина на партијата Демократска Бугарија која што може да биде потенцијален партнер во новата власт. Костов стои позади Декларацијата за добрососедство од 1999 год. која што беше потпишана со тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски. Според Ефтов, тој е неповолен политичар за преговори бидејќи и натаму го задржува истиот политички курс.

На крај нагласи дека за да се помрднат преговорите од мртва точка со една слаба бугарска композитна Влада, потребно е да се активира американската булдожер дипломатија бидејќи раководството на ЕУ е немоќно за да преземе ваков предизвик.